
Поминаа месец и пол по средбата на европските лидери во Лондон. Набрзина свиканиот самит беше европски (и НАТО) одговор на драматичната прес конференција во Вашингтон во која Трамп и Џеј Ди Венс му се нафрлија на украинскиот претседател Зеленски за одбивањето да го прифати нивниот предлог за прекин на војната. Лондон требаше да биде инаугурален самит на „коалицијата на волните“ – израз кој првпат го слушнавме во 2003 година кога претседателот Буш така ја претстави коалицијата држави кои учествуваа во војната против Ирак.
Новата „коалиција на волните“ требаше да ги замени САД во нивната клучна улога во војната во Украина со земји како Франција, Германија, Британија, Шпанија, Шведска, евентуално Турција и Холандија, можеби Италија.. Иако составот не влеваше многу доверба, познавајќи колку се атрофирани вооружените сили на повеќето од овие држави и колку се пацифистички нивните граѓани, сепак од самитот дојдоа многу воинствени најави. Британија предничеше со кочоперењето и најави дека ќе испорача „чизми на терен и авиони во воздухот“ – односно отворени закани за формирање на посебен европски воен корпус кој ќе се распореди во Украина. Генералниот секретар на НАТО Руте (поставен на оваа позиција исто како и Шекеринска – откако граѓаните на неговата матична држава му ја повлекоа довербата) рече дека НАТО ќе ја поддржува Украина во војната против Русија „колку што ќе биде потребно“.
По оваа средба, во Македонија се изнаслушавме катастрофични предвидувања дека владата застанала на погрешната страна, дека сме се приклучиле во САД во моментот кога Американците решиле да застанат на погрешната страна на историјата, па како сме смееле да гласаме заедно со САД за резолуција која беше прифатена од Советот за безбедност на ОН. Особено беа драматични заканите дека ако не се приклучи кон европското милитантно крило, Македонија може да ја загуби шансата за влез во ЕУ, ќе биде видена како несигурен партнер во НАТО и ќе загуби пристап до европскиот пазар. Една поголема група коментатори, новинари и експерти, навикнати да бидат гласот на Брисел, Вашингтон и Берлин во Македонија, така се залауфаа да не убедуваат дека мораме да ја фатиме европската страна во транс-атланската поделба што дури звучеа како да им е мило што САД веќе нема да ги кочат во маршот кон Москва.
Па, да прашам, до каде сме со таа работа?
Изминативе месеци покажаа дека во прашањата на безбедноста, дури и во прашањата на безбедноста во Европа, европските држави за ништо не се прашуваат. Никакви воени единици не беа понудени во заштита на Украина. По ефтиниот блеф, европските лидери се прават како ништо да не се случило. Преговорите меѓу САД и Русија продолжуваат, се појавија и првите мапи за повоените граници, а се случуваат дури и до скоро незамисливи работи – премиер на земја членка на ЕУ најави дека ќе учествува на парадата на 9 мај во Москва – како јасен сигнал дека постои силен поттик за нормализирање на односите со Русија и ставање на крај на бруталната војна што е можно поскоро.
За разлика од првиот мандат, кога се случуваше амбасадорите да работат на своја рака, па дури и да се фалат дека лажно го информирале претседателот, тимот на Трамп овојпат суверено владее со институциите. По укинувањето на дувлото УСАИД, доаѓаат најави дека следниот бран ќе биде драматично реорганизирање на Стејт Департментот под палката на еден од најсилните играчи на Трамп – Мајкл Антон – инаку автор на еден од најпламените текстови во поддршка на трампизмот.
Со пацифицирањето на бунтот во дипломатската и безбедносните служби, противниците на Трамп губат надеж дека ќе можат повторно да водат паралелна надворешна политика, како во неговиот прв мандат, кога Трамп, кој деновиве укинува цели агенции, се измачи да го смени амбасадорот во Украина (и тоа го смени погрешниот човек). Тимот околу Трамп сега е сосем поинаква гарнитура и покажаа дека со нив нема шега.
Водечките креатори на надворешната политика од мандатите на Клинтон, Обама и Бајден сега се групираат во Европа, сметајќи дека ќе можат преку Брисел, Лондон, Париз и Берлин да му се спротистават на Трамп. Но теренот на кој треба да се борат не се меѓународните форуми во Давос или во Обединетите Нации, ниту пак страниците на Њујорк Тајмс и Вашингтон Пост. Борбата се води на вистински фронт, со тенкови, топови и дронови, и тука Европа нема што да понуди. По битката под Курск, Трамп јасно им стави на знаење на неговите политички противници во Вашингтон, Брисел и Киев дека многу лесно може да се случи украинската војска да почне да реди порази, со што угледот и влијанието на налогодавачите на оваа погубна политика ќе се срони. Токму поради тоа и гледаме како европските држави, кои се истрчаа под притисок на нивните анти-Трамп американски советници, сега постепено се повлекуваат од импровизираните воени планови.
Дури и во областа на трговијата, каде што ЕУ би требала да биде многу посилна отколку во одбраната, видовме дека Брисел не е во состојба да претстави заеднички фронт. Италија, Унгарија и Словачка работат на индивидуални договори со САД, со што се нарушува концептот дека ЕУ ќе преговара со Трамп и Хауард Латник како единствен ентитет. По првиот бран царини и неколкудневниот пад на берзите, Трамп најави дека вистинската цел на неговата трговска политика е Кина, а ЕУ може да му се придружи – или да гледа како нејзините одделни членки потпишуваат поединечни договори, и како се создава трговска „коалиција на волните“ насочена против блок, со што ќе се растури кохезијата на ЕУ како трговски блок. Можно е престројувањето во трговската и економската политика да се преслика и на воен план – САД да повикаат на помирување во и со Европа, со цел да се претстави заеднички економски и надворешно-политички фронт против Кина – фронт во кој на Русија ќе и биде понудено да ја смени страната.
И, на крај, да се вратиме на Македонија. Македонската Влада неколку пати покажа дека ќе ја држи страната на администрацијата на Трамп, а заканите од домашните аналитичари и експерти дека за тоа ќе трпиме последици, изречени пред само неколку месеци, веќе звучат беззабо. Деновиве сме сведоци на уште една сериозна промена во Европа која ја менува и нашата равенка – а тоа е дека новата германска коалиција застанува на француската позиција – дека балканските држави се едноставно премали за да добијат статус на полноправна членка на Унијата. Тој статус требаше да предвидува позиции во Европската Комисија, пропорционален број пратеници во Европскиот Парламент и, најважно од се – право на вето. Позицијата на Берлин по се изгледа ќе биде дека е нереално да се очекува земји како Македонија, Албанија, Црна Гора, Босна, па и поголемата Србија, да имаат таков статус. Брисел се плаши дека можеме во иднина да го злоупотребуваме правото на вето за надворешно-политички прашања (како што тоа беше максимално злоупотребувано против нас) но многу посериозната закана за Македонија и другите балкански држави е дека без правото на вето ние едноставно нема да можема да го добиеме истото ниво на европски инвестиции кои ги добиваат Хрватска, Бугарија, Романија… Да бидеме реални – овие држави успеваат да добијат огромни суми за автопати, метро линии и земјоделски субвенции затоа што повремено, дискретно (а некои и не баш дискретно) потсетуваат на правото на вето. Дури и ако Брисел измисли некоја меѓуформа на членство во ЕУ за нас и за другите преостанати балкански држави, во која ќе ни кажат дека сме членки но нема да ни дадат еднаков пристап до институциите во Брисел и нема да ни дадат право на вето, ние едноставно нема да ги добиеме истите привилегии како земјите кои веќе влегоа во Унијата. Ова е дополнителна потврда за непринципиелноста и несериозноста на Европската Унија, и доказ дека во моментов, најсериозната опција на која што можеме да се потпреме е американската.