Skip to main content

Азиланти во најава

Од реално пет премиери кои Македонија ги имала, двајца практично беа принудени на бегство. Никола Груевски побара засолниште во Унгарија од политичкиот прогон наложен поради неговото одбивање да го смени името на државата и да ја потчини македонската политика кон нашите соседи.

Љубчо Георгиевски формално не е во бегство, но откако се соочи со слично ниво на прогон, пропагандни кампањи за негово оцрнување и апсење на десетици блиски и стотина подалечни соработници во периодот по војната во 2001 година, и Георгиевски е практично во бегство.

Во неговиот случај тоа се постигна со двојното државјанство. Георгиевски честопати гласно застапува позиции на официјална Бугарија кои во Македонија се обично непопуларни, а начинот на кој ги застапува овие ставови не помага за нивно популаризирање во земјата. Поради токсичниот личен бренд, кој е резултат на сериозната кампања за негова сатанизација, не верувам дека овој негов политички активизам придонесува многу за подобро разбирање меѓу Македонците и Бугарите, но секако помага на Георгиевски да му обезбеди одредена отстапница доколку утре му притреба да се тргне од земјата.

Може да се каже дека и токсичноста на ставовите кои ги застапува е дополнителна гаранција дека никогаш повторно нема да биде сериозен политички претендент во Македонија, и нема да постигне ништо над квантумот од 5- 10 илјади тврдокорни гласови. На некој начин тоа е одредена безбедносна гаранција за Георгиевски – така има причина помалку некоја политичка гарнитура во Македонија да се загрижи од неговиот потенцијал и да реши да се пресмета со него. Може да се каже дека, иако живее во Македонија, и тој е на некој начин политичар во егзил во најава.


Ова е навистина сериозен проблем за функционирањето на политичката сцена во една држава – кога двајца значајни поранешни лидери се во ваква ситуација – едниот да е во азил во друга држава, а другиот да биде двоен државјанин и промотор на ставовите на друга држава. Двајцата се од истата политичка опција, и двајцата оваа судбина ги снајде под слични околности, кога по нивниот обид Македонија да ја изградат како суверена држава на македонскиот народ се најдоа под концентриран напад на силни странски фактори, но и на домашната длабока држава.


Може да се каже дека и Црвенковски е на некој начин во домашен егзил. По обидот за враќање на власт во 2012 година тој е целосно (барем јавно) пасивизиран. Секако, од сите гореспомнати поранешни премиери, Црвенковски ја имаше најзначајната интервенција на политичката сцена – кога се крена против договорот што Заев го постигна со Бугарија, со што придонесе кон раскол од кој СДСМ се уште не може да се соземе. Тоа покажува дека за разлика од другите екс премиери, Црвенковски можеби се уште има амбиции и ровари во својата поранешна партија.

Но, барем јавно гледано, и за него може да се каже дека како да не е во земјава – толку е отсатен од јавноста што дури беше вест кога беше забележан пред неговата зграда за време на потресите во Скопје во 2016 година.
И ако двајцата вмровски екс-премиери мораат да се тргнат по сериозни операции за „менување на режимот“, досегашните сдсмовски премиери беа прилично безбедни и сигурни по губењето на власта во Македонија. Единствениот од нив кој се соочи со посериозни закани дека ќе одговара за стореното додека беше на власт – Владо Бучковски – сепак успеа да избегне било каква одговорност, па дури и син му смета дека може да биде активист против корупцијата.


Но, деновиве гледаме дека не еден туку двајца лидери на СДСМ се практично во егзил (во најава). Зоран Заев веќе не ни крие дека бизнисот и фамилијата ги префрла во сончевиот Дубаи. Дури и да се обидувале некои од неговите попретпазливи пријатели да му кажат да биде внимателен, дискретен, да не упаѓа во око – сепак преку инстаграмите на неговото семејство и преку екс-ју журките во емиратските облакодери целата јавност ги следи авантурите на Зоран од Арабија.

Од една страна, со ова отсуство на дискреција, Заев се однесува како да никој ништо не му може. Од друга страна, ако го погледнеме бројот на блиски соработници кои се гонети за криминал или се во бегство во странство (некои веќе и одлежаа затвор) поверојатно е дека како типичен новобогаташ, човекот едноставно нема чувство за осет.
А кога веќе зборуваме за неговите блиски соработници, интересно е што и неговиот наследник на кормилото на СДСМ, Венко Филипче, и веројатно претендент еден ден и самиот да биде премиер на државата, беше принуден да признае дека и самиот со едната нога веќе е во Дубаи.

Што е новост во македонската политика – обично поранешните премиери мораа да бараат засолниште по истекот на власта, а Филипче, кој според за него најоптимистичките сценарија се уште е многу далеку од евентуално примирисување на власт, веќе се обезбедил со „златна виза во Дубаи“ – за не дај Боже. Ќе биде интересно да се види како македонската јавност – а особено гласачите на СДСМ – ќе реагираат на тврдењата дека додека нивниот поранешен лидер и премиер наводно гради солитери во Дубаи, актуелниот лидер веќе се гледа таму. За почеток, не влева многу доверба во лидерот, ниту пак покажува дека тој има верба во државата. 

Поврзани вести