Инцидентот во Собранието на 24 декември 2012 година се случи во време на втората фаза на драматичната економска криза низ светот, чиј епицентар се случуваше јужно од нас, во Грција. Владејачкото мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ, кое во тоа време веќе имаше солиден углед во справување со економијата и со монетарната политика, имаше и повеќе од доволно гласови да го изгласа буџетот за 2013 година, кога пратениците од опозициската СДСМ решија да ја попречат работата на Собранието и го нападнаа спикерот Трајко Вељановски. Во исто време, поголема толпа поддржувачи на СДСМ, предводени од Бранко Црвенковски и Зоран Заев, се собраа пред Собранието, и се обидуваа да го потиснат полициското обезбедување и да упаднат во зградата – планирајќи кој знае како да се пресметаат со пратениците внатре.
Иако угледот на СДСМ беше прилично низок во тоа време, и партијата не уживаше некоја широка народна поддршка, од денешна гледна точка е јасно дека, во 2011 година, по тензичната средба на Груевски со Бајден и Хилари Клинтон на која Груевски го одби барањето за промена на името, е дадено зелено светло за уривање на неговата влада. Гласање за буџетот во Македонија е честопати техничко прашање, но е поврзано со временски рокови. Во нормални услови можеби и не би било страшно да се одложи неговото изгласување, но во тоа време економскиот колапс на Грција покажа дека е можно да се случи незамисливото – членка на ЕУ и НАТО да не може да ја исплати ратата за своето задолжување. Што останува тогаш за една многу помала и понеразвиена земја, без излез на море, на која колабираната Грција и е меѓу главните трговски партнери, па уште и ако не може да донесе буџет на време – како тоа ќе се одрази на нејзиниот кредитен рејтинг и способноста да се задолжува за да ги отплаќа достасаните долгови? Оттаму, СДСМ и нивните стратешки партнери одбраа добар момент за да ја дестабилизираат Македонија. Собраниското обезбедување ги отстрани пратениците кои ја попречуваа работата на легитимното мнозинство (дел од пратениците очигледно однапред беа спремни да одглумат дека се жртви на полициско насилство), додека полицискиот кордон пред зградата успеа да одолее на притисоците на собраната толпа.
По неуспехот да предизвикаат финансиска криза, СДСМ, нивните поддржувачи во странство и во дел од медиумите решија да се обидат да го искористат инцидентот барем за меѓународен притисок врз јавноста, со ширење на снимките на неколку жени пратенички додека ги изнесуваат од Собранието, проблематизирање на моментот кога и медиумите беа отстраните од зградата и меѓународен притисок за наводниот „недостиг на политички дијалог“ и „медиумски слободи“. На крајот, СДСМ и нивните спонзори заклучија дека овој обид за уривање на владата на јуриш, нецели две години по даденото зелено светло, е преуранет, и дека ќе бидат потребни посериозни подготовки за подоцнежната „Шарена Револуција“. Дечките дури воведоа и своевидно одбележување на годишнината од „тоталитарниот понеделник“ или како и да го викаа денот, која од 2017 година беше засенета со одбежувањето на „крвавиот четврток“. Интересно што, во сите тие нови есдеесовски одбележувања, не го спомнуваат моментот дека нивниот тогашен и подоцнежен партиски лидер се обидоа да упаднат во собранието за време на легитимна седница. Собирањето на заевистичката толпа во 2012 година и нивниот напад врз полицијата која го обезбедуваше Собранието не беше оквалификувано како терористичко загрозување на уставниот поредок и не се изрекоа 15 годишни затворски казни за предводниците и учесниците во толпата.
И така СДСМ ги толкуваше законите – еднаш виновни беа пратениците што се обидуваа да одржат легитимна седница, а еднаш – демонстрантите кои упаднаа во Собранието (за време на нелегитимна седница). Никој од СДСМ не одговараше за обидот за упадот во 2012 година, но затоа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и селектиран дел од демонстрантите беа изложени на најбрутални судски и полициски третман, кој вклучуваше упади во домовите, апсење на членови на семејството, притисоци да гласаат за промената на името, селективно носење и пуштање од притвор – како ќе им притребаше глас повеќе, претепувања во затвор.. Во еден момент над 15 проценти од пратеничкиот состав на Македонија беа во затвор или под политички мотивиран кривичен прогон – треба да одите далеку на исток, до земја чие име завршува на „стан“ за да најдете слични бројки (иако деновиве Полска е блиску, како со масовноста така и суровоста на пресметката со опозицијата).
И така, македонскиот обид за демократска транзиција беше трајно оштетен со овие процеси за кои тогашниот еврокомесар Хан рече „средете го тоа со комбинација на европски и балкански тактики“. Тука е врвната иронија, штетата на македонската кревка демократија беше нанесена токму во името на формалното зачленување во „демократските“ клубови. Добивме формално исполнување на условите на добро владеење за да влеземе во НАТО (не и во ЕУ) а од друга страна ни малите деца во Македонија не веруваат дека ја добивме и суштината на демократијата и целосно изгубија верба во клубовите со кои ни ги полнеа главите.
Овие денови, додека СДСМ, веројатно водени од некој календар на соопштенија што треба да ги пуштат во текот на годината, објавуваа по некој коментар на социјалните мрежи за инцидентот на 22 декември 2012 година, дојде веста дека е при крај еден од двата исполитизирани судски процеси за 27 април 2017 година. Со тоа се исправа една од многубројните неправди кои беа извршени во Македонија од режимот на Заев. Секако, друга, многу позначајна неправда, поврзана со овој инцидент, е ревизијата на судскиот процес за учесниците во протестите, со кои режимот со години на најсуров можен начин си поигруваше и ги користеше како пиони за остварување на своите политички цели – што за притисок врз опозицијата, што за заплашување на граѓаните кои ќе се осмелеа да го кренат својот глас против разобличувањето на Македонија и урнисувањето на македонските национални позиции. Чувството за правда во Македонија може да се врати единствено со преиспитување на тој монструозен судски процес, на начин кој најмногу ќе им одговара на политички прогонуваните демонстранти – и секако, со соодветни казни за организаторите на процесот.