
Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека Владата нема да ги олабави визните правила за Индија, во момент кога ја започнува дводневната посета на Мумбај. Тој пристигна утрово во Индија со десетици најистакнати британски бизнисмени, вклучително и шефови од „Бритиш ервејс“, „Барклис“, „Стандард Чартеред“, „БТ“ и „Ролс-Ројс“.
Ова е првата целосна трговска мисија во Индија откако Тереза Меј беше премиерка, а дизајнирана е да ги зајакне врските меѓу двете земји.
Стармер, чие лице е поставено на постери и билборди низ Мумбај, утре ќе се сретне со индискиот премиер Нарендра Моди, пет месеци откако Обединетото Кралство го потпиша првиот трговски договор со Индија по Брегзит, пишува Скај Њуз.
Договорот допрва треба да се спроведе, а контроверзните планови за укинување на националното осигурување за работниците вработени од големите индиски бизниси испратени во Обединетото Кралство сè уште се предмет на претстојна консултација.
Сепак, бизнис-делегацијата најверојатно ќе го искористи патувањето за да лобира кај премиерот да не им воведува повеќе даноци во буџетот за ноември.
Британскиот премиер веќе ја одби желбата на некои извршни директори на патувањето да се зголеми бројот на визи. – Ситуацијата со визите не е променета со договорот за слободна трговија и затоа не отворивме повеќе визи, изјави Стармер пред новинарите во авионот на пат кон Индија.
Тој им порача на бизнисите дека не се во право да се фокусираат на визите. – Прашањето не е за визите. Се работи за ангажман од бизнис до бизнис и инвестиции и работни места и просперитет што доаѓаат во Обединетото Кралство, посочи тој.
Премиерот ги избегна прашањата за поддршката на Моди за рускиот лидер Владимир Путин, на кого му честиташе роденден на социјалните мрежи. Американскиот претседател Доналд Трамп ги зголеми царините кон Индија, тврдејќи дека индиските набавки на руска нафта ја поддржуваат војната во Украина.
Запрашан за честитката на Моди за роденденот на Путин и дали има влијание да разговара со Моди за неговиот однос со Русија, британскиот премиер го избегна прашањето.
Нека влезе во записник, јас не испратив… роденденски честитки до Путин, ниту ќе го сторам тоа, рече тој. – Во однос на енергијата и ограничувањето на руската енергија, нашиот фокус како Обединето Кралство е на „флотата во сенка“ (shadow fleet), бидејќи мислиме дека тоа е најефективниот начин.