
Белгиската влада ја разгледува можноста за изградба или издавање под закуп на затвор во странство, евентуално во Косово или во Албанија, за да се реши проблемот со пренатрупаноста во локалните затвори, наведува „Бриселс тајмс“.
Министерката за правда, Анелизе Верлинден, и министерката за миграција, Анелине ван Босеит, започнаа тридневна мисија во Косово и Албанија за да ја проценат политичката подготвеност за прием на белгиски затвореници и зајакнување на соработката во борбата против организираниот криминал, објавува бриселскиот весник.
За време на посетата на Балканот, се очекува да се потпише и декларација за намера за споделување на конфискуваниот имот стекнат преку криминални активности, вклучително и средства запленети како дел од истрагите за шифрирани комуникации „SKY ECC“, пишува белгискиот весник.
Белгискиот затворски систем во моментов има повеќе од 13.000 затвореници, додека капацитетот е околу 11.000 места, а околу една третина од затворската популација е составена од странци без дозвола за престој, што е околу 4.400 лица.
Белгиската влада верува дека префрлањето на некои затвореници во странство би можело да го намали притисокот врз затворскиот систем.
Планот е базиран на данскиот модел од 2021 година, според кој Данска изнајмува затворски објекти во Косово, но белгиските власти признаваат дека сличен проект би барал неколку години подготовка и значителни финансиски средства, објаснува весникот.
Според студијата на белгискиот комесар за бегалци, Косово и Албанија се единствените територии надвор од ЕУ кои, како што се тврди, „ги исполнуваат условите за евентуално основање затворски објекти – почитување на владеењето на правото и човековите права“.
Иако белгиската влада тврди дека трансферот на странски затвореници би придонел за олеснување на системот, анализите покажуваат дека таквата мерка би можела да опфати најмногу околу два проценти од вкупната затворска популација, заклучува „Бруселс тајмс“ и додава дека, засега, мисијата на министрите е исклучиво од истражувачка природа.