Skip to main content

Антоновски: Борбата за вистинските вредности продолжува – по патот на Јасмин и Шопов

„Денеска како главен проблем на идејната изградба среде општествените противречности што ја засегаат културата се јавува неопходноста од решителна борба против формализмот, практицизмот и субјективизмот…“ На овие инспиративни зборови на Мито Хаџи Василев – Јасмин, изречени во педесеттите години на минатиот век, се повика Иван Атоновски, вчера, сабота 21 декември, во Собранието на РСМ, кога му беше врачена државната награда „Мито Хаџи Василев – Јасмин”, за остварувања во областа на публицистиката од интерес на Република Македонија, за книгата „Од онаа страна на Небиднината: разговори со Светлана Шопова за Ацо Шопов“. 

– Времето минало, но неопходноста од ваквата борба е останата и уште понагласена денес, кога и натаму, како што порачува Јасмин, „смислата на нашите напори е поттикнувањето на вистинското творештво“, подвлече Антоновски. Авторот на „Од онаа страна на Небиднината: разговори со Светлана Шопова за Ацо Шопов“ смета дека оваа книга „не можеше да не биде влог во оваа борба, зашто самиот Шопов, сиот свој живот, и како творец, и како општественик и дипломат го има минато како првоборец и против формализмот, практицизмот и субјективизмот – борец за вистинските вредности. Притоа, потврдувајќи ја мислата на Јасмин дека ‘за да се создаде уметност, творецот мора да се раскрие себеси не како апстрактна личност, ами како конкретен субјект’“. 

Размислите на Мито Хаџи Василев – Јасмин за културата, уметноста и поезијата одекнаа и по свеченоста во Собранието. Оддавајќи ѝ почит на Светлана која со своите исцрпни сведоштвата во „Од онаа страна на Небиднината“ му „изгради споменик на Ацо Шопов“, Иван Антоновски нè потсети на тие размисли, на настанот организиран од страна на фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“ на кој присуствуваа голем број личности од академската, книжевната, уметничката и издавачката фела, инволвирани во јубилејните настани врзани за стогодишнината од раѓањето на Шопов, во 2023 и 2024 година.

„Поетот не може да зборува за својата љубов без предметот на таа љубов; не може да не прикаже определени т.е. свои односи, интензитети, ‘аспекти’ и содржини во самото свое чувство кон љубената, раскривајќи многу нешто и за самата неа како објект“, пишува Јасмин во „Современост“, во 1955 година, кога Шопов е главен уредник на списанието. „Зашто, како и колку ќе биде вљубен поетот (и секој човек)“, продолжува тој, „тоа не зависи само од неговиот темперамент, интелект и чувствителност, туку исто толку и од жената, конкретна, определена, од ‘предметот’ на тоа чувство. Изразувајќи го своето чувство поетот одразува определен животен однос (кој го нема без него, но кој и не е идентичен со него), една од суштините и појавностите на објектот. Само тоа може да биде креирана уметничка реалност кон која доживувањето на другите луѓе не може да остане индиферентно.“ 

И навистина, никој од присутните не остана индиферентен кон изборот од стиховите на Шопов, оние најинтимните, чија генеза може да се разоткрие во „Од онаа страна на Небиднината“ и кои маестрално ги изведе првенецот на Македонскиот народен театар, Никола Ристановски. 

Поврзани вести