Skip to main content

ЕВН Македонија и МАКО СИГРЕ со заедничка визија за енергетска иднина

ЕВН Македонија продолжува со силна поддршка на меѓународното здружение „Мако Сигре“. Највисоките претставници и инженери од компанијата годинава присуствуваа на „13 Советување на МАКО СИГРЕ“ во Охрид, важен настан за електроенергетскиот сектор во земјава, кој ги собира учеснците со цел размена на идеи, иновации и практични решенија.

Настанот со свечен говор го отвори Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, г-ѓа Сања Божиновска која ја нагласи важноста на советувањето, како каде се дебатираат најновите реформи и достигнувања во енергетиката.


„Во време на темелни промени – декарбонизација, дигитализација, децентрализација и интеграција на пазари – вакви форуми се од непроценлива важност. Нека ова советување биде почеток на нови иницијативи, засилени проекти и трајна координација меѓу сите чинители“, додаде таа.

На отворањето се обрати Претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија, г-дин Волфганг Маиер:

“Модернизацијата на дистрибутивната мрежа денес е повеќе од инфраструктурен предизвик – таа бара и иновативен пристап кон растечката интеграција на обновливи извори на енергија и складирање преку големи батериски системи (BESS). Нашата посветеност се протега и надвор од инфраструктурата. Секојдневно работиме за подобрување на услугите кон нашите корисници, со целосна фокусираност на дигитализацијата и иновациите.“

Претседателот на Мако Сигре, г-дин Сашо Салтировски, по повод отворањето на настанот рече:

„Денес стоиме на историска раскрсница. Во целиот свет, енергетската транзиција повеќе не е далечна амбиција, таа е денешна нужност. Начинот на кој произведуваме, испорачуваме и користиме електрична енергија се трансформира со невидена брзина. Од обновливи извори и електрична мобилност до дигитални технологии и децентрализирани енергетски системи. Иднината на енергијата се обликува пред нашите очи.“
.

Околу 70 вработени од компанијата зедоа активно учество, презентирајќи стручни трудови од областа на енергетиката пред Студиските комитети.


На настанот учествуваа високи претсатвници од Министерката во Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини, Регулаторната комисија за енергетика, ЕВН Македонија, Електродистрибуција, МЕПСО, ЕСМ и голем број други компании од енергетскиот сектор.