Skip to main content

Полскиот пијанист и композитор Анджеј Јагоѓински и Националниот џез оркестар го отвораат годинашниот Скопски џез фестивал

Плакат Скопски џез фестивал

Годинашното издание на Скопскиот џез фестивал ќе се одржи од 16 до 19 октомври, а отворањето е во Националната опера и балет (НОБ) со концерт во 20 часот на еден од најдобрите полски пијанисти, композитор и аранжер, Анджеј Јагоѓински и Националниот џез оркестар во 22 часот, исто така во НОБ. На џез фестивалот оркестарот, кој се стекна со статус на еден од највлијателните биг-бендови на Балканот ќе настапи под водство на австрискиот диригент Зиги Фајгл, а гостин солист ќе биде Луис Бониља,

Скопскиот џез фестивал ужива култна репутација во Европа и светот, обезбедена со грижливо конципирана богата програма, втемелена на ексклузивноста, актуелноста и современиот џез. Годинашната програма засигурно ќе ја потврди високата интернационална репутација на фестивалот. Во неа доминираат американски музичари. Така, во една вечер се две многу посакувани имиња на џезот, легендарниот гитарист Марк Рибо и Кахил Ел Забар. На финалната вечер, пак, не случајно, ќе се најдат Вадада Лио Смит, недвојбено денес најголемиот жив американски џез музичар, и Џејмс Брендон Луис, неодамна прогласен за музичар и тенор саксофонист на годината. Возбудлива ќе биде и европската вечер, со последното ремек дело на Горан Кајфеш Тропик и квартетот на Јан Банг и Арве Хенриксен, со специјалниот проект кој пред две години со голем оркестар беше за прв пат изведен токму во Скопје, а сега издаден и на плоча.

Особен е ексклузивитетот и нашата горделивост со прикажувањето на два свежи музички документарци, за фанкот и за Сан Ра, веќе оценети како ремек дела. Тие своите европски премиери, не случајно, ќе ги имаат на Скопскиот џез фестивал, соопштија од СЏФ

Дизајнот на фестивалот е на ликовниот уметник Џоле Јовановиќ.

Програма:

Jazz cinema
15 октомври | МКЦ Кино Фросина | 20:00
WE WANT THE FUNK!
Документарен филм

16 октомври | НОБ | 20:00
ANDRZEJ JAGODZIŃSKI TRIO
NATIONAL JAZZ ORCHESTRA with SIGI FEIGL & LUIS BONILLA

17 октомври | НОБ | 20:00
MARC RIBOT: MAP OF A BLUE CITY
KAHIL EL’ZABAR’S ETHNIC HERITAGE ENSEMBLE

Jazz cinema
18 октомври | МКЦ Кино Фросина | 17:00
SUN RA: DO THE IMPOSSIBLE
Документарен филм

18 октомври | НОБ | 20:00
AFTER THE WILDFIRE QUARTET
GORAN KAJFEŠ TROPIQUES

19 октомври | НОБ | 20:00
WADADA LEO SMITH & SYLVIE COURVOISIER DUO: Angel Falls
JAMES BRANDON LEWIS QUARTET

Поврзани вести