
Во експлозија што се случила вчера во изнајмен стан на улицата Косовска во Белград, неофицијално загинал граѓанин на Македонија. Како што објави српски Блиц, тој загинал додека подготвувал експлозивна направа со голема разорна моќ наменета за ликвидација.
Се уште се чека официјална потврда на идентитетот, но сите полициски служби, Безбедносно-информативната агенција и Вишото јавно обвинителство во Белград се ангажирани во решавањето на тој случај.
„Оперативните информации укажуваат дека бомбата била за дилер на дрога од Белград. Целата мрежа на криминални пресметки што е подготвена во главниот град е поврзана со структури за поддршка блиски до криминални групи“, изјави соговорник за Курир.
Експлозијата била на третиот кат од зграда во таа улица во Белград. Првично беше објавено дека експлодирала плинска боца.