Skip to main content

Муртезани домаќин на финскиот колега Странд: Заедничка визија за проширувањето и зајакнување на партнерството

Министерот за европски прашања на Република Македонија, Орхан Муртезани, денеска во Скопје беше домаќин на министерот за европски прашања на Република Финска, Јоаким Странд, кој престојува во работна посета на регионот. Средбата се одржа во контекст на континуираниот дијалог меѓу Македонија и Финска за европската интеграција и реформските процеси, со цел зајакнување на билатералното партнерство и потврдување на стратешката определба за проширувањето како политика од заеднички интерес.

Во фокусот на тет-а-тет разговорот и пленарната средба на двете делегации беа европската перспектива на Македонија, имплементацијата на Реформската агенда и улогата на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан како инструмент за економска интеграција и социо-економска конвергенција. Соговорниците констатираа дека оваа иницијатива, преку пакетот од 6 милијарди евра и поврзувањето на финансиската поддршка со конкретни резултати, отвора ново поглавје во политиката на проширување и нуди реални придобивки за граѓаните уште пред формалното членство. Во таа насока, беше оценето дека Реформската агенда претставува кредибилен патоказ за модернизација на институциите, подобрување на владеењето на правото и забрзување на економската конвергенција со ЕУ.

Министерот Муртезани се осврна на завршувањето на скрининг процесот и подготвеноста на земјата да го отвори првиот кластер „Фундаментални вредности“, како суштински чекор за системско следење на напредокот во реформите. Тој ја истакна важноста на предвидливиот и меритократски пристап на ЕУ како предуслов за зачувување на мотивацијата и довербата на граѓаните во европскиот проект. Притоа ја потенцираше улогата на Македонија како кредибилен партнер кој активно придонесува за регионалната стабилност и за унапредувањето на европската агенда на Западен Балкан.

Министерот Странд, од своја страна, изрази уверување дека Македонија со досегашниот реформски напредок демонстрира сериозна посветеност кон европските стандарди. Тој подвлече дека Финска останува доследен поддржувач на политиката на проширување заснована на заслуги и оцени дека реформите во владеењето на правото, демократијата и институционалната ефикасност се темели на кои ќе се гради понатамошниот напредок. Странд се осврна и на пошироката геополитичка димензија на проширувањето, нагласувајќи дека стабилен и интегриран Западен Балкан е суштински елемент за зајакнување на безбедноста и отпорноста на Европската Унија во целина.

Муртезани и Странд се согласија дека партнерството и сојузништвото меѓу Македонија и Финска има значајна додадена вредност преку конкретни форми на експертска и техничка соработка. Во таа насока, беа поздравени досегашните седум Twinning проекти реализирани со учество на фински институции, во полето на  унапредувањето на управувањето со животната средина, административната ефикасност и подготвеноста за користење на европските фондови. Перспективата за нови проекти во областа на јавната администрација, дигиталната трансформација и медиумските реформи беше согледана од министрите како значаен потенцијал за натамошно јакнење на институционалните капацитети на Македонија.

Министрите Муртезани и Странд заеднички изразија уверување дека Македонија и Финска ја делат визијата за проширувањето како стратешка политика на Унијата која, преку Планот за раст и реформските агенди, ја надминува традиционалната „техничка“ рамка на пристапните преговори. На денешните средби, проширувањето беше согледано како политички и економски процес од заеднички интерес, кој носи стабилност и безбедност за целиот европски континент, а со тоа и јасна порака дека европската интеграција на Западен Балкан останува нераскинлив дел од иднината на Унијата.

Поврзани вести