
Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека нема да има „златен билет“ за населување во Обединетото Кралство, во рамките на плановите што бараат бегалците да го „заслужат“ своето право на долгорочен престој.
Владата планира да ги укине автоматските права за семејно обединување за оние на кои им е доделен азил во Велика Британија и да ги промени условите за долгорочно населување. Новите апликации за постоечкиот пат за семејно обединување на бегалци се суспендирани од септември.
Премиерот ќе одржи разговори за плановите и за тоа како европските земји можат да соработуваат за справување со илегалната миграција на денешниот самит на Европската политичка заедница (ЕПЗ).
Верувам дека ако сакаш да дојдеш во Велика Британија, треба да придонесеш за нашето општество – посочи Стармер.
Тоа е толерантниот и фер пристап кон миграцијата на кој се изградени нашите заедници, но сегашниот систем не е соодветен на целта. Затоа правиме фундаментални промени во тоа што им е овозможено во Велика Британија на оние на кои им е доделен азил. Долгорочниот престој мора да се заслужи со придонес кон нашата земја, а не со плаќање на шверцер на луѓе за да го помине Каналот со брод, рече тој.
Стармер додаде дека Велика Британија ќе продолжи да ги пречекува „вистинските бегалци кои бегаат од прогон“, но исто така мора да се справи и со „факторите на привлекување“ кои ги предизвикуваат илегалните премини со мали чамци. – Нема да има златен билет за населување во Велика Британија, луѓето ќе мора да го заслужат, заклучи тој.
Тој, според ДПА, исто така ќе објави ново партнерство за справување со причините за миграцијата уште на самиот извор, во земјите од Западен Балкан, на средба со данската премиерка Мете Фредериксен. Планот, поддржан со до 3 милиони фунти (4 милиони долари), ќе вклучува поттикнување на луѓето да останат во регионот и да се вработат таму.
Министерката за внатрешни работи, Шабана Махмуд, подоцна наесен целосно ќе ги претстави реформите, според кои бегалците ќе се соочат со подолг пат до добивање постојан престој. Тие ќе мора да придонесат за Велика Британија и нема да имаат автоматско право да ги донесат своите семејства да им се придружат.
Според владата, бегалците сепак ќе имаат право на „основна заштита“ и нема да бидат вратени дома според измените, но ќе се применува „нов, подолг пат до населување што бара од нив да придонесат, заменувајќи ги сегашните пет години“.
Министерката за внатрешни работи претходно оваа недела на конференцијата на Лабуристичката партија изјави дека ќе бидат воведени поостри услови за добивање дозвола за неограничен престој.
Мигрантите ќе треба да бидат вработени, да не користат социјална помош, да имаат висок стандард на познавање на англиски јазик и да немаат криминално досие. Тие исто така ќе треба да достигнат одредено ниво на придонеси за национално осигурување и да придонесат, на пример, преку работа во нивната локална заедница.
Советот за бегалци предупреди дека запирањето на семејствата да се обединат ќе принуди повеќе луѓе да дојдат во Велика Британија користејќи шверцери и дека визите за семејно обединување во голема мера ги поддржуваат жените и децата.
Џон Фитонби, главен аналитичар за политика во Советот за бегалци не се согласува со предвидените измени. – Овие неостварливи политики беа ветени и претходно и знаеме дека тие немаат никакво влијание врз бројот на мали чамци… Овој пристап не функционираше тогаш и нема докази дека ќе функционира сега. Сепак, ќе успее да ја наруши интеграцијата, да направи бегалците да се чувствуваат небезбедно и да ги принуди децата да растат без своите родители, оцени Фитонби
Бројот на пристигнувања на мигранти со мали чамци досега во 2025 година надмина 34.000, што е рекорд за овој период од годината откако податоците за премините на Каналот беа првпат објавени во 2018 година.