
Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека ризикот од голем европски конфликт е висок и дека „светска војна може да избувне поради една грешка“ на некоја од големите сили. „Конфликтот е толку напнат што ако еден од големите играчи направи грешка, сè е можно, дури и светска војна,“ рече Орбан пред почетокот на неформалниот состанок на лидерите на ЕУ во Копенхаген.
Тој повтори дека Будимпешта е против членството на Украина во ЕУ, предупредувајќи дека тоа би значело „да влезе војната во Европската унија“ и дека европските пари би се пренасочиле кон Киев. Како алтернатива, Орбан предлага стратешки договор за европско-украинска соработка наместо пристапување.
На агендата на состанокот во Копенхаген се и зајакнување на санкциите кон Русија и одговорот на Брисел на наводни нарушувања на европскиот воздушен простор. Орбан потсети и на унгарската позиција дека одлуките за проширување мора да бидат едногласни, а според анкета што ја цитира, мнозинството учесници во Унгарија се против прием на Украина.