Skip to main content

Орбан до Туск: Можеби мислите дека сте во војна со Русија, но Унгарија не е

Facebook / Orbán Viktor
Фејсбук профил на Виктор Орбан

Премиерот на Унгарија Виктор Орбан денеска му порача на премиерот на Полска Доналд Туск дека со судир со Русија игра опасна игра со животите на милиони Европејци.

Драг Доналд Туск, можеби мислите дека сте во војна со Русија, но Унгарија не е. Истото важи и за Европската унија. Играте опасна игра со животите и безбедноста на милиони Европејци. Ова е многу погрешно, напиша Орбан на Х.

Изјавата на Орбан следува откако Туск вчера во говор на Варшавскиот безбедносен форум, рече дека војната во Украина е дел од „страшен политички проект“.

Се допаѓа тоа некому или не, ова е и наш судир. Мора да бидеме свесни дека ова е наша војна, бидејќи војната во Украина е само дел од овој проект. Целта секогаш е иста — како да се поробат народи, како да им се одземе слободата на поединците, рече Туск.

Полскиот премиер нагласи дека мирот во овој дел на светот не е нешто што се подразбира, туку треба да се обезбеди.

Тој истакна дека Америка има право да очекува поголемо учество од Европа, исто како што Европа има право да очекува САД да ја стават трансатлантската заедница меѓу приоритетите.

Ако ја загубиме оваа војна, последиците ќе влијаат не само на нашата генерација туку и на следната, во Полска, Европа, САД и во целиот свет, нагласи Туск.

Поврзани вести