Пијанистот со светски глас, Симон Трпчески синоќа во арената „Борис Трајковски“ во Скопје заедно со пријателите музичари приреди концерт за паметење и ја донесе новогодишната атмосфера во градот по терк на светските метрополи.
Ви благодарам на што дојдовте во волкав голем број, и да врне и да вее. Ова време е бериќет. Вечерва ќе го славиме животот, ќе ја славиме музиката, овде, во арената која го носи името на еден голем Македонец, нашиот претседател Борис Трајковски, во еден простор во кој сме биде сведоци на многу успеси на Македонија и за Македонија. Ќе имете можност да го проследите новогодишниот концерт исклучиво со македонски уметници, рече Трпчески пред почетокот на концертот.
Концертот беше поделен на три дела. Во првиот се свиреше свита од балетот „Оревокршачка“ на Чајковски со четирирачна изведба на пијано, за која на Трпчески му се придружи пијанистот Шкељзен Бафтијари, негов поранешен студент, активен во образовната дејност. Настапи дел од балетскиот ансамбл на Национлната опера и балет, балетските првенци Марија Кичевска и Бобан Ковачевски и балерини од нижото балетско училиште при МБУЦ „Илија Николовски-Луј“ , на кореогарфија од Саша Евтимова.
Во вториот дел имаше класичен репертоар и изведба на арии од Моцарт, Верди, Штраус, кои ги пееја двајца оперски солисти – сопранот Гонца Богоромова-Краповски и баритонот Иван Наумовски, Трпчески настапи со своите колеги: виолинистот Владимир Крстев, Паскал Краповски на виолончело, Влатко Нушев на перкусии, на кларинет свиреше Кире Наунов, Александар Сомов од Софија, , а на контрабас Александар Поп Христов.
Публиката во Скопје премиерно ја слушна музичката спојка на „Турскиот марш“ на Моцарт и на македонската народна песна „Сербез Донка“, во аражман на Влатко Нушев.
Во третиот дел беше направен избор од класиците во поп музиката, како легендите Дин Мартин, Френк Синатра, Нет Кинг Кол, Мараја Кери и Мајкл Бубле.
Трпчески на публиката и откри дека на синовите им ветил дека од 15 декември ќе биде дома, со семејството цел месец и кажа дека една личност дома е задолжена за плеј листата околу празниците и со тоа го најави настапот со неговата талентирана ќерка Лара.
Лара прво сама ја испеа „Baby It’s Cold Outside“, а потоа во дует со татко и ја изведоа „I’ll Be Home For Christmas“.
Пред крајот на концертот, светскиот новогодишен хит на Мараја Кери „All I Want For Christmas Is You“ го отпеа Андријана Јаневска. Вечерта заврши со звуците на „Радецки марш“ на Јохан Штраус, во што активно со својот аплауз учествуваше и публиката.
Концертот беше во организација на „Прагма продукција“.