
Основното јавно обвинителство Скопје отвори истражна постапка против 37-годишник, кој во текот на последните два месеци упорно контактирал жена што живее во странство, упатувајќи сериозни закани за нејзиниот живот и животот на нејзината мајка и брат, доколку не му исплати 15.000 евра.
На оштетената, како што соопшти ОЈО, ѝ дал рок до 26 септември за исплата на парите, а таа на 17 септември му испратила 500 евра преку Вестерн унион. За дополнителни 4.500 евра требало да дојде во земјата и да му ги предаде пред Клиниката за онкологија.
Кога пристигнала во Скопје на 25 септември, веднаш го пријавила случајот, а осомничениот бил приведен пред Онкологија.
Јавниот обвинител предложил определување на притвор, имајќи ги предвид опасноста од бегство, можноста да влијае врз сведоците и ризикот да го повтори делото.