
Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Борис Кондарко, апелираше изборната кампања за Локалните избори 2025 да се одвива во коректна и демократска атмосфера и да ги почитува законските прописи и политичките противници.
-Во интерес на сите е изборите да поминат во најдобра демократска атмосфера. Вообичаено е на изборите да има зголемен интензитет на кампањата и различна реторика, но тоа треба да биде во рамки кои оставаат позитивен впечаток за целиот изборен процес. Право на избор е граѓаните слободно да одлучат, а учесниците во кампањата треба да го почитуваат и противникот и законските прописи – изјави Кондарко во интервју за МИА.
На претстојните избори ќе се избираат 309 градоначалници и 576 кандидатски листи за советници во 80 општини и Градот Скопје. Во Скопје има 16 кандидати за градоначалник и поголем број на советнички листи, но Кондарко не очекува тоа да влијае на времетраењето на гласањето.