
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, заедно со претседателот на Здружението на занаетчии, Бујар Дулови, ја посетија Старата скопска чаршија, каде се сретнаа со занаетчиите и разговараа за нивниот секојдневен живот и работа. Тој изрази голема благодарност за можноста да помине време во Чаршијата која е симболот на Скопје, и како што рече, Македонци, Албанци, Турци и Роми живеат и работат во хармонија и меѓусебна почит.
„Многу ми е мило што токму овде, во овој дел од Центар, различностите се богатство и силата на заедницата. Старата скопска чаршија секојдневно е дестинација за огромен број туристи од целиот свет. Занаетчиите се целосно поддржани и во Општината имаат сигурен партнер во зачувувањето на автентичноста, унапредувањето на условите за работа и промоцијата на традиционалните занаети“, рече Герасимовски.
На средбата беше истакнато дека во завршна фаза е изработката на деталниот урбанистички план за Кале, со кој е предвидена изградба на цел спортски комплекс што ќе придонесе за поголема живост, развој и дополнителна понуда за сите посетители.
„Заедно со занаетчиите и центарци ќе го движиме развојот кон зачувување на автентичноста и создавање инклузивен простор кој ќе биде убаво и посакувано место за сите жители и посетители,“ истакна Герасимовски.
Старата скопска чаршија останува симбол на соживот и традиција, место каде се спојуваат културите, каде почитта е на прво место, а грижата за заедницата е на највисоко ниво.