Skip to main content

Жител на струшко Велешта осомничен за три кривични дела

Фрипик

Основното јавно обвинителство Струга поведе истрага против 34-годишен жител на Велешта за неколку кривични дела – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи. Предизвикување општа опасност и Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста.

Како што соопшти ОЈО, осомничениот, на 16 септември, при расправија со три лица од Дебар со кои имал од претходно влошени односи, извадил пиштол кој го поседувал без дозвола и кон еден од оштетените испукал неколку пати во долниот дел од нозете. Му нанел две лесни телесни повреди, а потоа влегол во возилото со намера да избега.

Не ја почитувал наредбата на полициски службеник, кој му наредил да застане и движејќи се наназад со автомобилот го удрил полицаецот на кого исто така му нанел телесна повреда, стои во соопштението на ОЈО.

При увидот се пронајдени нож и метална шипка, па се преземаат и дополнителни дејствија на проверки со цел да се испита нивната употреба во настанот.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.