Skip to main content
„Матица македонска“ и Раде Силјан со последен поздрав до Сретен Перовиќ – еден од најголемите странски афирматори на македонската книжевност

Кон Перовиќ имаме долг уште подостоинствено да го славиме македонско-црногорското пријателство и пријателството меѓу македонските и црногорските писатели

На 17 август, физички си замина академик Сретен Перовиќ (1932-2025), истакнатиот црногорски писател што беше наш, македонски пријател и современик, потврден македонист, повеќедецениски промотор на високите вредности на македонската книжевност. Во изминативе децении творечка активност, тој од македонската поезија има препеано над 50 000 стихови на српски и црногорски јазик. Тоа е импозантна бројка, зад која, по правило, би требало да стои институција. Но, во конретниов случај, таа организирана институција се криеше само во едно име, во авторот и голем деец, кој негува нескриена љубов кон македонската поезија.

Книгоиздавателството „Матица македонска“ и нејзиниот основач, поетот и книжевен критичар Раде Силјан упатуваат последен поздрав до пријателот, колегата и содејствувачот Перовиќ. Во 2012 година, кога Сретен Перовиќ наполни осумдесет години од неговото раѓање, а одбележа и 60 години од објавувањето на неговата прва поетска книга „Звуци и далечини“, во знак на искрена почит кон неговото литературно дело, „Матица македонска“го објави изборот од неговото богато поетско творештво под наслов „Јужна харфа“ на црногорски и на македонски јазик, во препев на Гане Тодоровски, Јован Павловски, Петар Т. Бошковски и Паскал Гилевски. Изборот на стиховите што го подготви заедно со проф. Синиша Перовиќ е проследен со критички фрагменти од познати писатели и литературни критичари, како и со исцрпна библиографија на творештвото на Перовиќ. Долгогодишниот негов пријател и колега, академик Матеја Матевски специјално за тоа издание го напиша предговорот, во кој топло и искрено го поздрави чинот на објавувањето на избраните стихови. Преку ова издание, црногорските и македонските читатели имаат убава можност некои да се потсетат, а некои и да се информираат за големиот и значаен творечки опус на познатиот црногорски писател.

По неговото физичко заминување, потсетуваме на дел од она што Раде Силјан го кажа тогаш, во центарот „Матица ексклузив“ на промоцијата на ова, најобемно, но засега и последно објавено дело од Перовиќ во Македонија.

„Поезијата на Сретен Перовиќ се надоврзува на црногорските традиционални вредности. Како и многумина негови колеги по перо, и тој гради свест кон минатото и таа свест постојано ја негува и продлабочува. Неговите песни носат атмосфера на трагика: во нив се вкрстуваат спомените на едно детство трауматизирано од војната и соочувањето на зрелата возраст со една нова ситуација чиј екстремизам води кон катастрофа. Завештанието на славниот Петар Петровиќ Његош, поетот го прифаќа и го негува со единствена цел подобро да се реализира во сегашноста и да испрати суптилни пораки до потомците. Перовиќ има развиено чувство за минатото, за богатата историја, за традиционалните народни вредности. Оттука и увереноста дека континуитетот во неговото творештво е нераскинливо заснован на зборот како клетва, како прокоба, но најмногу како надеж, како длабок порив за нераскинливоста со силната црногорска народна поговорка, која вели: Каде зборот – таму и главата.

Како што мудро ќе забележи познатиот црногорски романсиер Чедо Вуковиќ, во Црна Гора од дамнина се градел култ кон зборот, се градел спонтано, од потреба и прекупотреба – не поради самата неа, туку поради она што таа го сака и со што зрачи. Зборот е воздигнат меѓу врвните вредности и соучесници во судбината на народот, во судбината на човекот, стана жив поданик на оваа земја. Култот кон јазикот во поезијата на Сретен Перовиќ е возвишен. Овој автор уште на млади години ја прифатил девизата на Емерсон дека човекот е една половина од себеси – другата половина е јазикот.

Во поезија на Сретен Перовиќ, според критиката, се одигрува една возбудлива драма на човечноста. Нејзиниот принцип произлегува од поетовото осознавање на вкрстените човекови дилеми пред себеси и пред светот. Поетот не е нарцисоидно вљубен во сликата на својата внатрешнина, но исто така не е ни индиферентен регистратор на случувањата во макрокосмичките пространства.

Поезијата на Перовиќ е лирски осенчена, со богати слики и широки емотивни и мисловни кругови во кои човекот е постојано во преграб на природата, на нејзината животворна енергија. Во изминатите плодни творечки години поетот опстојува пред романтични предрасуди, а убавината на живејачката ја доживува како возвишен поетски идеал. Неговите песни се длабоко сраснати со црногорскиот бит: тие се препознатливи, со кристално јасни мисли и пораки. Во своето творештво овој писател обедини повеќе искуства, градејќи поетика, високо вреднувана од литературната критика.“

Инаку, Сретен Перовиќ приредил голем број избори и антологии од црногорски и македонски автори. Во оваа пригода ќе споменеме дека овој искрен и неуморен афирматор на македонската поезија, препеал и објавил во Црна Гора: пет книги од Блаже Конески, четири книги од Ацо Шопов, по две книги од Славко Јаневски, Матеја Матевски и Гане Тодоровски, а учествуваше во препејувањето на поголемиот дел од стиховите на Антологијата на современата македонска поезија објавена во издание на „Матица српска“ од Нови Сад. Кон оваа бројка треба да се додадат и преводите на поетските книги на Анте Поповски, Петар Т. Бошковски и Тодор Чаловски, како и бројни стихови во панорамски претставувања на современата македонска поезија во српската и црногорската книжевна периодика.

Сретен Перовиќ е автор на триесетина поетски, драмски, критичко-есеистички и публицистички дела.  Во литературата дебитираше со поетската книга: „Звуци и далечини“ (Звуци и даљине) во далечната 1951 година. Во изминатите шест децении ги објави, меѓу другото и делата: „Камено племе“ (Мраморно племе), „Сеанси“ (Сеансе), „Украдена пролет“, драма (Украдено пролјеќе), „Жеден саат, драма“ (Жедњи сат), „Замрзнати под сонцето“ (Залеђени под сунцем), драма, и „Проклет храм“, поема (Уклети храм).

Повеќе антологиски и школски избори од неговото поетско творештво се објавени во текот на осумдесеттите и деведесеттите години од минатиот век, а во 2008 година Дукљанската академија објави Избрани дела во три обемни книги, со толкувања на повеќемина црногорски, српски, хрватски и македонски литературни критичари и теоретичари на книжевноста.

На книжевните манифестации во Македонија, Сретен Перовиќ, долги години е посакуван и добредојден гостин. Со неговиот шарм и позитивна енергија, но и смисла за професионален пристап на многу теми, придонесуваше за зближување и запознавање на културите на балканските народи. Како што истакнува Раде Силјан: „Тој секогаш беше искрен и добредојден кај нас Македонците, бидејќи внесуваше и пријателски и творечки дух, внесуваше нешто возвишено, нешто што честопати забораваме дека е света наша обврска, а тоа е човештината.“

И по неговото физичко заминување, делото на Сретен Перовиќ останува на полиците на „Матица македонска“, како со изборот „Јужна харфа“, така и со натамошни обиди да се афирмира неговото дело и да се сочува споменот за него пред новите генерации, како што впрочем, „Матица македонска“ се залага за сите дејци заслужни за македонскиот јазик, книжевност и култура.

Кон Перовиќ имаме долг уште подостоинствено да го славиме македонско-црногорското пријателство и пријателството меѓу македонските и црногорските писатели.

Поврзани вести