
Јавната здравствена установа Центар за рехабилитација на патологија на вербална комуникација – Скопје преку донација доби апарат кој претставува огромен исчекор во третманот и намалувањето на симптомите и предизвиците поврзани со аутизмот.
Неодамна, Фондацијата „Д-р Верица Механџиска“ и компанијата „Зегин“донираа апарат TMS M50 Ultimate, наменет за подобрување на социјалната интеракција и комуникациските вештини, регулирање на сензорната хиперактивност и подобрување на когнитивната флексибилност на лицата со нарушување од аутистичниот спектар.
Нермин Теловкса, директорката на Центарот за рехабилитација на патологијата на вербалната комуникација во интервју за „Република“ вели дека оваа донација е од огромна важност бидејќи апаратот освен во директната работа со лицата со нарушување од аутистичниот спектар и бенефитите кои ги нуди, има напреден и современ софтвер и одлични функции за собирање и разработување на податоци кои ќе овозможат и истражувања и донесување одлуки и протоколи базирани на податоци.
Во Центарот го воведуваме најсовремениот метод за невромодулација ТМС. Тоа е неинвазивна невромодулациска техника која користи магнетни импулси за стимулација на специфични делови од мозокот. Се применува преку апарат кој создава магнетно поле што предизвикува електрични импулси во мозочната кора, со цел да се регулира невронската активност. Целта е да се подобри невронската комуникација, што може да влијае позитивно врз говорот, вниманието и социјалната интеракција кај децата со аутизам, вели Теловска.
Како што објаснува Теловска, ТМС првично била развиена за возрасни, а во последната деценија се проширила и кај педијатриската популација. Во САД, FDA (Америанската агенција за храна и лекови) има одобрено ТМС за третман на депресија кај лица над 18 години, но се спроведуваат клинички студии и во други области, вклучително и кај деца со аутизам, ADHD и анксиозност.

Во некои земји, како Канада, Австралија и делови од Европа, ТМС се користи во контролирани услови кај деца, особено во истражувачки и клинички центри. Родителите и стручните лица пријавуваат подобрување во: вербална комуникација, социјална интеракција, намалување на повторувачко однесување, подобрување на вниманието и емоционалната регулација.
Теловска објаснува дека Универзитетски клиники како „Харвард“ и Универзитетот „Калифорнија“ во Лос Анџелес имаат спроведено студии за ТМС кај деца со аутизам, со позитивни резултати во подобрување на социјалната интеракција и намалување на анксиозност.
Во Австралија Центри за невроразвојна терапија применуваат ТМС во комбинација со логопедски и бихејвиорални третмани. Во Германија и Холандија, ТМС се користи во рамки на клинички испитувања кај деца со невроразвојни нарушувања, со фокус на безбедност и ефикасност.
Во Македонија иако ТМС е новитет, постојат иницијативи за воведување на иновативни методи за стимулација кај деца со атипичен развој, како што се неурофидбек, биофидбек и play attention третмани, кои исто така се работат во нашиот центар додава Теловска.
ТМС е генерално безбедна кога се применува од обучени професионалци. Несаканите ефекти се ретки и обично благи: главоболка, лесна непријатност на местото на стимулација. Кај деца, се применува со посебна претпазливост, во согласност со етички протоколи и медицински проценки.

Што претставува ТМС и зошто е важен за децата со аутизам?
ТЕЛОВСКА: ТМС, или транскранијална магнетна стимулација, е неинвазивна метода која користи магнетни импулси за стимулација на одредени делови од мозокот. Кај децата со аутизам, оваа технологија има потенцијал да помогне во подобрување на комуникацијата, социјалната интеракција и намалување на одредени симптоми, зависно од индивидуалниот случај.
Кој ќе го спроведува третманот и како ќе се одредува дали е потребен?
ТЕЛОВСКА: Третманот ќе го спроведуваат обучени логопеди и докторката специјалист психијатар во нашата установа. Закажувањето ќе оди преку матичен лекар или друг лекар специјалист, кој ќе упати пациент до нас. Потоа, нашиот тим ќе процени дали ТМС третманот е соодветен за конкретниот случај.
Дали третманот е безбеден и дали има некои ризици?
ТЕЛОВСКА: ТМС (транскранијална магнетна стимулација) е генерално безбедна и добро толерирана терапија, особено кога се спроведува од обучени професионалци во контролирани услови, се работи за неинвазивна метода, без болка. Секако треба да се внимава или ТМС не се препорачува кај лица со: Метални импланти во главата или вратот (освен забни пломби), електронски уреди во телото (пејсмејкер, инсулинска пумпа), историја на епилепсија (освен ако не е под медицинска контрола), бременост и деца под 5 години (освен во строго контролирани истражувачки услови).
Какви резултати очекувате и дали веќе имате искуства од други земји?
ТЕЛОВСКА: Во светот веќе постојат позитивни искуства со ТМС кај лица со аутизам, особено во подобрување на вербалната комуникација и намалување на анксиозноста. Ние ќе ги следиме резултатите внимателно и ќе ги користиме податоците за научни анализи, со надеж дека ќе придонесеме кон пошироко разбирање и подобрување на третманите.

Како јавноста може да дознае повеќе или да се информира за можностите за третман?
ТЕЛОВСКА: Сите заинтересирани можат да се обратат кај својот матичен лекар или специјалист, кој ќе ги упати до нашата установа. Дополнително, ќе објавиме информации на нашата веб-страна и социјални мрежи, каде ќе има детали за процедурите, термини и контакт информации.
Од која возраст може да се започне со ТМС?
ТЕЛОВСКА: Во нашата установа, третманот се разгледува кај деца над пет години, по детална проценка од психијатар и логопед. Секој случај е индивидуален и се разгледува внимателно.
Колку трае еден третман и колку сесии се потребни?
ТЕЛОВСКА: Една сесија трае околу 20–30 минути, меѓутоа точното трање ќе се одреди индивидуално според возраста и состојбата на детето како и во склад со новите протоколи кои се во фаза на изработка. Протоколите би требало да вклучуваат 10–20 сесии, зависно од индивидуалните потреби и одговорот на терапијата.
Дали детето ќе чувствува болка или непријатност?
ТЕЛОВСКА: Не. ТМС не е болна процедура. Детето може да почувствува лесно чукање или вибрација на скалпот, но тоа е безопасно и краткотрајно.
Дали третманот ќе го замени логопедскиот или бихејвиоралниот третман?
ТЕЛОВСКА: Не. ТМС се користи како дополнителна терапија, а не како замена. Најдобри резултати се постигнуваат кога се комбинира со логопедски, бихејвиорални и психолошки третмани.

Дали има научни докази дека ТМС помага кај аутизам?
ТЕЛОВСКА: Да. Постојат бројни студии од САД, Европа и Австралија кои покажуваат позитивни ефекти на ТМС кај деца со аутизам, особено во подобрување на комуникацијата и намалување на анксиозност.
Кој го спроведува третманот во вашата установа?
ТЕЛОВСКА: Третманот го спроведува тим од обучени логопеди и психијатар специјалист, со поддршка од медицински персонал. Се работи во строго контролирани услови, со индивидуален пристап кон секое дете.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
фото: Република и приватна архива