Skip to main content

16. издание на „Македокс“ од 21-28 август под мотото „Кому му е гајле за реалноста“: 75 документарни остварувања на пет фестивалски локации

Сто странски гости се потврдени на фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“, чие 16. издание ќе се одржи од 21 до 28 август. Во тој период, ќе може да се погледнат 75 документарни остварувања на пет фестивалски локации, информираа на денешната прес-конференција во Скопје, извршниот директор на фестивалот – Дарко Набаков, програмскиот координатор – Петрула Вељановска и раководителот на индустри – програмата, Сара Ферро.

Набаков информираше дека мотото годинава е „Кому му е гајле за реалноста“.

Во овие осум фестивалски денови ќе погледнеме 75 документарни остварувања на пет фестивалски локации. „Куршумли ан“, Младински културен центар, Музеј на Македонија, „Сули ан“ и „Лабораториум“ во Скопје. Програмата е подредена во пет натпреварувачки категории. Овие филмови ќе се борат за стандардните пет награди. Наградата „Кромид“ за главната програма, наградата „Млад кромид“ за програмата на нови автори со прво и второ документарно остварување, „Сецкан кромид“ – наградата за кратки документарни филмови, „Кокарче“ – наградата за студентската програма и специјалната награда на „Македокс“ – наградата за етички идеи. Веќе се потврдени 100 странски гости, додаде Набаков.

Програмската координаторка Вељановска соопшти дека одлучиле фестивалот да го отвори филмот „Бардо“ на словачката режисерка Вјера Чаканјова.

Ќе следува „Само на земјата“ на режисерот Робин Петре. Филмот не е случајно одбран за отворање на фестивалот, затоа што зборува за пожарите што се случуваат насекаде во светот – па и кај нас и како човекот, па и животните, се справуваат со нив. Затворањето на фестивалот е резервирано за хрватскиот филм „Фиуме или смрт“ на хрватскиот режисер Игор Безиновиќ, појасни Вељановска.

Документарните филмови што ќе бидат прикажани на фестивалот отвораат прашања, нè соочуваат со низа социјални, културни, еколошки предизвици и ни покажуваат како други луѓе – од крв и месо како самите нас – се справуваат со овој свет во кој се чини дека ништо не мирува.

Документарните филмови отвораат многу прашања кои нè мачат сите нас, од автор до публика, соочувајќи нè со низа на социјални, културни, безбедносни, како и проблеми поврзани со животната средина. Затоа, тие стануваат сè поважни во светот на филмот денес, претставувајќи своевиден документ за реалноста, каде што преку снимен и архивски материјал, доаѓајќи во допир со многу лични приказни и искуства освестуваме многу наши лични процеси и добиваме можност да ја споредуваме нашата реалност со реалноста на минатите генерации, дури и да ја претпоставиме реалноста на идните генерации. Тие се слика и прилика преку кои можеме да видиме како авторот, па и обичниот човек, без разлика на возраста, бојата на кожа, полот или дали доаѓа од село или град, се справува со овој свет во кој „сè тече и сè се менува“ – истакна Петрула Вељановска, програмски координатор на „МакеДокс“.

Програмата на фестивалот ќе се одвива во шест категории: Главна програма, Нови автори, Земја во фокус: Австрија, Кратки документарци, Студентска програма и Програма за деца и млади. Земја во фокус програмата оваа година е посветена на Австрија и традиционално ќе се отвори на вториот ден од Фестивалот со два австриски документаци од поновата австриска продукција.

Одговарајќи на новинарски прашања, Набаков изјави дека фестивалот оваа година има зголемена поддршка од педесет илјади денари од страна на Агенцијата за филм, но, вели, за жал, ја изгубил поддршката од страна на Министерството за култура, што минатата година изнесувала осумсто илјади денари.

На фестивалот ќе се одржат македонски премиери на повеќе филмови, меѓу кои се „Планината не оди никаде“ на режисерката Петра Селишкар, „Земја и крилја“ на Стефан Малешевиќ, како и кратките филмови „Антигона“ на режисерите Ибер Деари и Мирсад Абази, „Печурки од минатото“ на Ханис Багашов, „Пејзажот на човековата суштина“ на чешката авторка Јана Хунтерова направен во соработка со „Арт-поинт Гумно“, „Кодот на Преспа“ на Никола Поповски, ќе се одржат премиери и на новите филмови произлезени од школата „Докуникулци“, а специјална проекција ќе има филмот „Вода и оган“ на мултимедијалниот уметник Киро Урдин.

Во програмата на фестивалот се предвидени Мастерклас на „Solar Cinema“ и Патувачкото кино на „MaкеДокс“ на 23 август, од 11 до 13 часот, во „Лабораториум“ со тематски наслов „Носиме невидени филмови на необични места“, како и Мастерклас од Хуберт Зауфер со тематски наслов „Радикален минимализам во ’светската кинематографија‘“ на 24 август, од 11 до 13 часот, исто во „Лабораториум“.

Традиционално на фестивалот ќе се доделат пет награди, „Кромид“, „Млад кромид“, „Сечкан кромид“, „Кокарче“ и Награда за најдобри етички идеи, а во комисиите за наградите членуваат 15 интернационални професионалци од документарниот филмски свет. Членови на комисиите се Марк Едвардс, Џејмс Берклаз-Луис и Маргарита Арсова за наградата „Кромид“, Вардан Тозија, Трулс Лие и Мара Прохаска Марковиќ за наградата „Млад кромид“, Памела Кон, Игор Прасел и Габриела Даниелс за наградата „Сечкан кромид“, Дина Покрајац, Танос Ставропулос и Неда Миланова за наградата „Кокарче“, Морин Принс, Мира Гаќина и Капка Касабова за Наградата за најдобри етички идеи.

Во индустрискиот сегмент на фестивалот од 25 до 27 август во МКЦ ќе се одржи МакеКоПроДокс форумот. МакеКоПроДокс е единствена платформа посветена на зајакнување на копродукцијата во областа на креативниот документарец низ целиот Балкан. Од своето основање во 2019 година, во рамките на 10-тото издание на „МакеДокс“, Форумот прерасна во витално место за средби на филмски режисери, продуценти, професионалци од индустријата и претставници од филмските центри во регионот.

Седмото издание на МакеКоПроДокс форумот ќе се одржи од 25-ти до 27-ти август 2025 година во МКЦ, обединувајќи филмски автори, продуценти и експерти од Балканот и Европа, со цел зајакнување на соработката во областа на креативната документаристика. Годинашното издание го поставува прашањето „Кому му е гајле за реалноста?“, истражувајќи ги креативните и етичките предизвици на раскажувањето во денешниот медиумски заситен свет – истакна Сара Ферро, раководител на индустри програмата на „МакеДокс“.

На отворањето на фестивалот на 21 август во Куршумли-ан ќе биде поставена изложба на фотографии од Томислав Георгиев кои произлегоа од Патувачкото кино на „МакеДокс“ во Кочани. На 26 август во Сули-ан ќе биде поставена изложба на фотографии од уметникот со светско реноме Киро Урдин создадени во Долината Омо во Африка, која ќе биде проследена со специјална проекција на неговиот документарен филм „Вода и оган“.

Во сегментот „МакеДокс+“ ќе се одржат Развојна работилница на креативни документарни филмови во рамки на МакеКоПроДокс форум, „Разговори под смоквата“, концерти во „Ноќни приказни“.

Целосната програма може да се пронајде на официјалната веб-страница на „МакеДокс“ (www.makedox.mk), а ќе може да се симне и фестивалската апликација.

Поврзани вести