Skip to main content

Гел лакот содржи токсични супстанци – ЕУ го забрани

Од септември, ЕУ ќе забрани употреба на гел лакови за нокти кои содржат токсична супстанца. Одлуката се базира на европска регулатива со која TРO официјално е означена како супстанца токсична за репродуктивното здравје.

Безбедноста на козметиката е сè поважна тема во Европската Унија. По минатогодишната забрана за додавање микропластика во производи како што се козметика, детергенти и играчки, од септември 2025 година ќе следи нова мерка – супстанцата TPO (триметилбензоил дифенилфосфин оксид) ќе биде отстранета од гел лакови и други козметички производи, објавува N1 Загреб.

Одлуката се базира на европска регулатива со која TPO официјално е означена како супстанца токсична за репродуктивното здравје. Според правилата на ЕУ, ваквите состојки не смеат да се користат во козметиката што доаѓа во контакт со кожата, косата или ноктите.

Што е TPO?

TPO е хемикалија што му помага на гел лакот брзо да се стврдне под UV или LED ламба, така што ноктите се завршуваат за неколку минути и траат со недели.

Сепак, експертите од Европскиот научен комитет за безбедност на потрошувачите предупредија дека продолжената и честа изложеност на супстанцијата може да има штетни ефекти врз здравјето – особено репродуктивниот систем.

Што значи ова за салоните?

Салоните ќе мора да заменат цели линии на гел лакови, воведувајќи алтернативи и нови формули кои ќе обезбедат ист квалитет. Оние кои не се адаптираат ризикуваат казни, но и губење на довербата кај сè посвесните потрошувачи.

На пазарот се достапни гел лакови без TPO, кои користат побезбедни фотоиницијатори како што се етил триметилбензоил фенилфосфинат или хидроксициклохексил фенил кетон. Тие нудат исти придобивки – брзо сушење, висок сјај и долготрајност – но без состојките што носат здравствени ризици.

Оваа промена е еден во низата чекори кон побезбедна и поодговорна козметика. Сè повеќе потрошувачи обрнуваат внимание на состојките, а отворената комуникација и брзата адаптација стануваат нов стандард во индустријата за убавина.