Skip to main content

Цените на лешниците во Турција се зголемуваат за над 50 проценти годишно поради намалување на приносот

Freepik

Турската агенција за зрнести производи ги соопшти официјалните откупни цени на лешниците за сезоната 2025-2026, одредувајќи цена од 200 турски лири (4,24 евра) за килограм лешници со висок квалитет и 195 лири (4,13 евра) за килограм лешници со понизок квалитет, што е зголемување од 51,5 проценти и 50 проценти споредено со минатогодишните цени, објави веб-страницата „Туркије Тудеј“.

Одлуката на Агенцијата е поврзана со сериозното намалување на приносите на лешници, што главно беше предизвикано од мраз на плантажите во април. Во меѓувреме, експертите предупредуваат дека овогодишната жетва на лешници во регионот на Црното Море би можела да се намали под 400.000 тони, значително под вообичаеното ниво од околу 800.000 тони.

Турција учествува со околу 70 проценти во светската понуда на лешници, а се очекува зголемувањето на цените да ги погоди производителите на чоколадо, како што е италијанската компанија „Фереро“, која користи лешници како главна состојка во своите чоколадни производи и купува околу една четвртина од турските лешници.

Поврзани вести