
Да се остави бакшиш (или не) на келнерите во кафулињата и рестораните ширум светот е прашањето што ги мачи многумина туристи, бидејќи правилата варираат во зависност од тоа во кој дел од светот се наоѓате.
Во Обединетото Кралство, Германија, Данска и Шведска, локалното население обично додава плус 10% од сметката, додека Французите, Италијанците и Шпанците обично даваат 5%. И додека Американците ќе остават бакшиш дури и доколку услугата е лоша, во Јапонија тоа никогаш не би се случило. Во Земјата на изгрејсонцето, општествената свест е на сосема друго ниво: луѓето не јадат додека одат по улица, мобилните телефони се ставаат на нечујно во јавниот превоз за да не се вознемируваат другите, а тешко дека ќе видите Јапонец како си го чисти носот во јавност.
Во Јапонија, давањето бакшиш не е само невообичаено, туку и непријатно, па дури и безобразно. Културата на пружање услуга без бакшиш за нас е можеби незамислива, но таму, оставањето пари практично претставува навреда.
И покрај предупредувањата да не се остава бакшиш во Јапонија, некои туристи инсистираат да ја покажат својата благодарност со пари – но тоа не функционира така“, истакна Џејмс Манди од „InsideJapan Tours“ за Би-би-си. Тој додаде дека не е невообичаено да се види келнер како трча по улицата по гостин за да ги врати парите што ги оставил како бакшиш.
Туристите едноставно не сфаќаат дека Јапонците се гордеат со својата работа, а „oishikatta“ (беше вкусно) или „gochiso sama“ (ви благодарам што го подготвивте оброкот) е доволно силна валута, уште посилна доколку направите учтив наклон.
Единствениот исклучок од ова правило се јапонските риокани, традиционални гостилници, каде што патниците можат да остават пари за накаи сана (келнерот во кимоно кој ја подготвува храната и креветот), но само ако добро ја извршил работата. Бакшишот не се дава лично, туку се остава во плик.