Skip to main content

Славески: Трите најголеми банки најавија намалување на надоместоците за платни услуги

Гувернерот на Народната банка Трајко Славески најавува дека трите најголеми банки во земјава наскоро ќе објават нови тарифници со намалени надоместоци за платните услуги. Тој во интервју за емисијата „Трилинг“ изразува очекување дека овој пример ќе го следат и останатите банки.

Ова следува по дијалогот што Народната банка го водеше со банкарскиот сектор за унапредување на пристапот на граѓаните до поефикасни и подостапни услуги.

Нашата интервенција во МИПС ослободи значителен износ на средства кај банките и го намали нивниот оперативен трошок. Со ова се создаде простор за пренесување на дел од тие заштеди кон клиентите, преку намалување на надоместоците – нешто што веќе го гледаме како резултат – вели гувернерот Славески за „Трилинг“.

Тој посочува дека Народната банка, иако е регулатор, води постојан дијалог со банкарскиот сектор и делува и како партнер со цел да се унапредат услугите и да се зголеми задоволството кај корисниците.

Разговараме со банките да одиме и чекор подалеку – кон разумна и општествено одговорна политика на тарифи. Тоа не е само во интерес на клиентите, туку и на банките, коишто преку вакви потези ги зајакнуваат сопствениот углед и довербата кај јавноста – вели Славески.

Тој очекува наскоро и останатите банки да го следат примерот на трите најголеми банки во државата.

Народната банка и во иднина ќе биде посветена на создавањето регулативна рамка којашто ќе поттикне развивање на квалитетни и ефикасни финансиски услуги достапни за сите граѓани и компании во земјава, велат од централната банка.

Поврзани вести