Skip to main content

Бигорскиот манастир по шеснаесетти пат го прими илинденскиот поход „Патот на Црешовото топче“

Со длабока духовност и непресушна родољубива традиција, Свештената бигорска Обител по шеснаесетти пат го прими илинденскиот поход „Патот на Црешовото топче“,  манифестација која го обединува народниот дух со светите ѕидови на Бигорскиот манастир, информираа од манастирот.

На свечената церемонија присуствувале амбасадорката на Израел, Вивиен Аисен, македонскиот амбасадор во Израел, Шпенд Садики, како и пратеничката, Рашела Мизрахи.

Со благослов на старецот и игумен, Епископ Антаниски г. Партениј, групата млади комити од различни градови пристигна во манастирот вчеравечер, подготвени да ја продолжат вековната традиција на почитување на илинденските идеали. Облечени во автентични комитски носии, младите учесници ја носат гордоста и памтењето на нашите ослободители, стои во објавата.

Утринската света литургија во храмот на Свети Јован Крстител беше централниот дел од духовната подготовка за походот. 

По завршувањето на богослужбата, Архимандрит Доситеј одржа молебен канон посветен во чест на коњаницата, при што целото монашко братство со својот хор создаде возвишена духовна атмосфера. По завршувањето на молебенот канон, Архимандрит Доситеј ги благослови сите членови на коњаницата за нивниот претстоен поход кон Крушево, стои во објавата.

Во соопштението се додава дека по завршувањето на богослужбата, младите комити ја положиле свечената заклетва пред Светото Писмо, револвер и кама – истиот обред што некогаш го извршувале членовите на Македонската револуционерна организација. 

Овој симболичен чин ја потврдува нивната посветеност кон ослободителното наследство. Во своите говори, високите гости изразија искрена благодарност кон монашкото братство на Бигорскиот манастир за веќе шеснаесетти пат по ред за овој традиционален дочек и испраќање до Крушево. Нивните зборови ја потенцираа важноста на овој манастир како чувар на духовната и националната традиција, се наведува во објавата.

Манастирот има длабоки историски корени во борбата за слобода, особено за време на Илинденското востание, кога монасите активно учествувале во подготовките за востанието. Најзначајна била нивната улога во изработката на црешовите топчиња – импровизирано оружје направено од црешово дрво, кое станало симбол на иновативноста и решителноста на нашите ослободители. Оваа историска врска меѓу духовноста и борбата за слобода го прави Бигорскиот манастир природен избор за чувар на илинденското наследство.

Коњаниците од Бигорскиот манастир се упатија кон Крушево, каде што на 2 август ќе се одржи централната државна прослава по повод Илинден. Нивниот поход не е само спомен на минатото, туку и порака до младите генерации за важноста на чувањето на националниот идентитет и традицијата.