„Традиционалната изработка и свирење на гајда“ е шестото нематеријално културно добро впишано на репрезентативната листа на УНЕСКО за нематеријално културно наследство на човештвото, со што, македонската гајда, официјално е на светската културна мапа, заедно со „Чет’рсе”, „Копачката”, „Гласоечкото пееье”, „Х’дрлез” и „Мартинките”, соопшти министерот за култура и туризам Зоран Љутков, денеска на прес-конференција заедно со директорката на Управата за заштита на културно наследство Весела Честоева, професорот за народни инструменти од Факултетот за музичка уметност при УКИМ, Драган Даутовски, како и советникот за култура и информации во Амбасадата на Република Турција во земјава, Махир Енес Оздемир.
Министерот посочи дека годинашната номинација е мултинационална, заедно со Република Турција, бидејќи како што рече, турските пријатели партиципирале со нивниот тип гајда именуван како „тулум“.
– Македонската гајда, од 5 декември и официјално е на светската културна мапа, заедно со „Чет’рсе”, „Копачката”, „Гласоечкото пееье”, „Х’дрлез” и „Мартинките”. Ова е многу важен момент за македонската култура, бидејќи по седум години пауза, повторно сме дел од големото семејство на УНЕСКО, во кое нашата земја членува од 1993 година. Во тој контекст сакам да потенцирам дека од вкупниот број наши впишани нематеријални добра, две се заеднички со Република Турција, тоа се „Пролетните празнувања на турската заедница од Југоисточна Македонија – Х’дрлез”, елемент впишан во 2017 година и годинашнава, успешна номинација, на народниот музички инструмент гајда, со која аплициравме како мултинационална номинација, задно со Република Турција во која нашите турски пријатели партиципираа со нивниот тип гајда, именуван како „тулум”, рече Љутков.
Директорката на Управата за заштита на културно наследство истакна дека македонската гајда е впишана меѓу репрезентативните елементи на светската културна мапа, како што се јапонското саке, унгарскиот чардаш, босанската севдалинка, кинеската нова година и други елементи кои, исто така, годинава се ставени на репрезентативната листа на УНЕСКО.
– Македонската гајда, благодарение на неколкумина професионални музичари од Народниот оркестар на македонската радио и телевизија и од Ансамбл Танец, од втората половина на 19 век на наваму, преку семинарите од меѓународен карактер, го проширија значењето и вештината на свирење македонска гајда на три континенти. Денес ќе најдете нејзини поклоници и на американско, и на Европско, и на австралиско тло. Таа стана и студиски музички инструмент, кој е дел не само од фолклорната музичка сцена, но и од поп, рок и другите жанрови на музичката култура. Со впишувањето во УНЕСКО македонската гајда добива на својата видливост на светската сцена, ја подига свеста за нашата македонска посебност и пред се, ги отвара портите за уметничка размена со еден широк пункт на култури кои имаат слични музички инструменти, а кои се веќе вмрежени во Светската федерација на гајдаџии, рече Честоева.
Според советникот за култура и информации во турската Амбасада во земјава, Махир Енес Оздемир, успехот не значи само промовирање на културите на двете земји, туку и значаен чекор кон дополнително зајакнување на културните врски кои двете земји заеднички ги презентираат во светот.
– Овој успех не значи само промовирање на културите на двете земји, туку оваа номинација воедно претставува значаен чекор кон дополнително зајакнување на нашите културни врски кои заеднички ги презентираме пред целиот свет. Турските елементи впишани во списокот на културно наследство на УНЕСКО се искачија на 31, со што Турција е веќе рангирана на второ место во ранглистата на земји со запишано културно наследство во УНЕСКО. Продолжуваме да работиме согласно договорот од 2003 година, развиен од страна на турското Министерство за култура и туризам, кој има за цел да придонесе кон мирот, меѓукултурниот дијалог, почит на културната разноликост и подигнување на меѓусебното разбирање на соседите. Четиринаесет елементи на културно наследство, од вкупните 31, се регистрирани како мултинационални елементи и ова претставува значаен доказ за успешната соработка со регионите со кои делиме заеднички вредности, рече Енес Оздемир.