Skip to main content

Вечерва во Градскиот музеј Крива Паланка интердисциплинарен мултимедијален фестивал „Културен амалгам”

Во градската уметничка галерија на кривопаланечкиот музеј вечерва ќе се одржи интердисциплинарен и мултимедијален фестивал „Културен амалгам”, спој на фотографија и алтернативни фотографски техники со проекција на филм што ја прикажува фотографската работа на Јанаки и Милтон Манаки, првите балкански кинематографери.

За уметничката јавност на Крива Паланка во 20 часот и 30 минути ќе биде отворена е насловена “Фотосинтеза”, ревијална изложба на алтернативни фотографски техники од фото-клуб “Ирис”, основан во 1958 година во рамките на студентскиот културен дом во Темишвар, Романија што низ децениите претставувал простор посветен на љубителите на фотографијата, каде креативноста и традиционалните техники се среќаваат со ентузијазмот на новите генерации, преку практични работилници за аналогна фотографија и експерименти со историски фотографски техники: цијанотипија, вандајк, гумоил или гум-бихромат.

Од ЛУ Градски музеј Крива Паланка ги повикуваат љубителите на уметноста, фотографијата и филмот да уживаат во оваа несекојдневна можност што ја нуди фестивалот, со фотографии и проекција на  филмот „Манаки – приказна во слики”, што ја прикажува фотографската работа на Јанаки и Милтон Манаки.

Станува збор за документарен филм со времетраење од 70 минути, во црно-бела и колор техника, во режија на Роберт Јанкулоски кој заедно со Илинденка Петрушева е автор на сценариото.

-Секој факт, секое мислење презентирани во филмот „Манаки – приказна во слики” се внимателно истражени и потврдени со презентирани артефакти. Приказната се раскажува преку оригинални документарни фотографии следејќи ја нивната работата од отворањето на првото професионално студио во 1898 година во Јанина и подоцнежното селење во Битола, сега познат како град на браќата Манаки, се вели во најавата од организаторите на фествалот.

Фестивалот има задача да отвори врати кон коренита децентрализација на културата во Република Македонија преку поставување темели на соработка во различни средини и низ различни градови. Овој меѓуинституционален и мултимедијален проект поставува темели на нешто што се аплицира низ различни градови во државата, примерот на Кратово, Крушево, Битола, Скопје, со вклучување места за одвивање на проектните активности во сродни културни установи во кои веќе се одвива културна програма преку потпишување меморандуми за соработка. Целта е таквите места да се оживеат и да станат потенцијални и почетни точки за самооорганизирање и културно делување, а  оваа година тоа се двата  сродни културни центри: ЛУ „Градски Музеј“ – Крива Паланка и НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово.

Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и туризам, Културно информативен центар – Скопје и ЛУ Градски Музеј Крива Паланка.

Поврзани вести