
Познатата инфлуенсерка и ТВ водителка, Миа Костова, во „Претрес со Ландов“ зборува за здравствената состојба на Владимир Блажев-Панчо, кој и натаму е на лекување во „Систина“. Посочува дека физички е многу подобар, како и дека ќе треба долго време за да зараснат изгорениците. На психичката состојба и натаму се работи.
„Имам информација дека е многу подобар, дека како и за сите повредени во Кочани и за него ќе треба многу време за заздравување на изгорениците кои ги има на рацете. Малку поспорни се изгорениците на едната рака особено. Психички се надевам дека се држи, знам дека со него работи многу голем тим од психолози, психијатри, мислам дека, кај и да е треба да го очекуваме да излезе од болница“, рече Миа Костова за „Претрес“.
Костова посочи дека Панчо бил во кома, како и дека веста за загинатите, меѓу кој и Андреј, ја дознал денови по трагедијата.
„Долго време не беше ни вистински свесен, беше во кома. И самото соопштување (за Андреј и случувањата) не оди само како кога ќе кажеш ‘кекс’, му треба време на човек тоа да го соопшти. Јас лично не сум го слушнала, иако се познаваме 25 години и повеќе“, додаде Костова.
Таа додаде дека со Панчо, уште на времето во диско, имале супер контакти и соработки.
„Од 2000-тите сме соработувале, сме работеле на спорт, па за Бекстејџ работевме“, додаде таа.
Во интервјуто посочи дека со Андреј учеле и во исто училиште.
„Во музичко, балетско. Тоа е училиштето“, додаде Костова.
Извор: Скопје1