
Случувањата поврзани со усвојувањето на Извештајот на Европскиот парламент за напредокот на македонските евроинтеграции, дефинитивно отвораат ново поглавје и наметнуваат потреба од нов пристап во однос на процесот. Отворената и агресивна кампања на бугарската актуелна политика, за бришење на македонските одредници во текстот на извештајот, ги потврди сите тези на актуелната македонска влада дека Бугарија нема да застане само на барањата за внесување на Бугарите во македонскиот устав, туку тоа ќе биде почеток на еден долг и мачен процес на притисоци, уцени, блокади и отстапки. За ваквата констатација постои реална основа од причина што после потпишувањето на Договорот за добрососедство во 2017 година, политичките релации меѓу Скопје и Софија се движат низ постојани промени и флуктуации. Бугарија постојано инсистира на признавање на „историската“, односно „заедничката“ релација со Македонија, при што во ниеден момент небеше пропуштена можноста да бидат оспорувани македонскиот јазик и македонскиот етнички идентитет.
Сведоци сме дека еден дел од бугарските политичари јавно изјавуваат дека уставните промени не се единствениот услов. Тоа дополнително ја нарушува кредибилноста на Договорот од 2017 година, на кој Бугарија постојано се повикува и инсистира. Барањето за внесување на поимот „бугарско малцинство“ во Уставот се претвори во камен на сопнување за евроинтеграциите на Македонија. Иако ваквото решение беше претставено како компромис спакуван како француски предлог, неговото прифаќање од страна на владата на Ковачевски беше направено без потребната ширина на политичка подршка за вакви проекти. Уште од самиот почеток беше укажувано, исто онака како што тоа денес постојано го реафирмира премиерот Мицкоски, дека ова барање е само еден дел од поширокиот бугарски стремеж за ограничување на македонската суверена историја и култура и дека нештата тука нема да застанат.
Што да се прави понатаму и како да се продолжи?
Факт е дека македонскиот евроинтегративен процес мора да остане активен и во движење. Секој застој или изместување од колосекот може да предизвика несакани дисторзии на македонските стратешки интереси и создавање на плодна почва за политички раст на противниците на македонските европски и евроатлантски интеграции и функционирањето на државата под куполата на западната цивилизација. Нешто мораше и мора да се стори за да се остави вратата отворена… од двете страни.
Од тие причини, предлогот на премиерот Мицкоски за поднесување на заедничка македонско-бугарска резолуција до Европскиот парламент, со која треба да се потврдат и признаат македонскиот идентитет и јазик, е политички маневар кој јасно укажува дека вратата од македонска страна е отклучена и дека во владата постои интерес за продолжување на процесот на реализација на стратешкиот интерес на земјата, полноправното членство во Европската унија. Тоа е политички маневар кој јасно ја форматира изворната содржина на стратешкиот интерес зацртана уште на самиот нејзин почеток, Македонија во ЕУ може да влезе како земја со јасно дефиниран национален, политички, јазичен и културен идентитет… МАКЕДОНСКИ.
Со ваквиот предлог премиерот Мицкоски покажува дека има јасна стратегија и идеја како да се излезе од ќорсокакот во кој сме заглавени уште од времето на Заев и Ковачевски. Неговата идеја е да се создаде официјален документ, потпишан од двете страни, што ќе има значење и тежина во рамките на ЕУ и со кој ќе се потврдат декларативните изјави на официјално Скопје и Софија. Ќе се потврдат изјавите дека едните немаат проблем со внесувањето на Бугарите во Уставот, а другите нема да го оспоруваат македонскиот идентитет и да го блокираат евроинтегративниот процес.
Појасно, почисто и попрецизно, здравје!
Со ваквиот чекор, повлечен од премиерот Мицкоски, се одржува европската перспектива на Македонија. Истовремено, потегот ја претставува државата како одговорен и конструктивен партнер. Наместо еднострано прифаќање на бугарските услови, официјално Скопје предлага рамка која примерот го зема од самата Бугарија. Таквиот пример го гледаме во усвојувањето на резолуции и декларации во однос на Македонија и македонските евроинтеграции, од страна на бугарското собрание.
Предлогот на Мицкоски е јасен показател дека кај македонска страна постои интерес за добрососедска политика заснована на еднаквост и почитување и претставува дипломатски чекор кој нуди излезно решение од најновите компликации создадени во Стразбур, при усвојувањето на Извештајот за Македонија. Од друга страна, овој предлог претставува јасна заштита против можните идни притисоци. Хипотетички гледано, со евентуалното усвојувањето на заедничката резолуција од страна на Европскиот парламент, Македонија ќе обезбеди цврста позиција со која ќе ги елиминира сите дилеми во врска со остварувањето на нејзината стратешка цел и ќе ја зајакне сопствената дипломатска улога и придонес.
Со покренувањето на постапка, како и со прифаќањето да се изнајде заедничко решение за билатерализацијата на македонските евроинтеграции, преку предлогот на Мицкоски, Македонија покажува дека е отворена за транспарентен дијалог. Тоа фактички е еден од критериумите во методологијата на проширувањето на ЕУ. Згора на тоа, овој предлог е толку отворен и луциден што буквално ја тера на изјаснување токму земјата која што го билатерализираше и блокира македонскиот евроинтегративен процес.
Како и секогаш, така и сега постои сериозна поларизација во домашната политичка јавност. Од една страна ВМРО-ДПМНЕ, како предлагач на оваа иницијатива, се позиционира како заштитник на македонските национални интереси, а Мицкоски како лидер кој што не попушта пред притисоците и уцените. Од друга страна, кај СДСМ и нејзиниот лидер Филипче се забележува изненаденост и опонирање по инерција, без да се навлезе подлабоко во суштината на предлогот. СДСМ и Филипче бараат од власта и премиерот Мицкоски да нудат решенија, но во исто време го отфрлаат секој предлог уште во старт, без да направат било каков обид да дадат сопствен придонес или надградба на дадените предлози. За СДСМ се стекнува впечаток дека се уште не можат да излезат од калта во која се заглавени со години и единствениот начин за продолжување на македонскиот евроинтегративен процес го гледаат во отстапките и повлекувањето.
Нивното тврдење дека нема потреба од отворање на темите за јазикот и идентитетот пред европските институции од причина што овие теми се затворени, е сосема неточно и некоректно бидејќи пред само десетина дена видовме што се случуваше во Европскиот парламент. Прашањето ниту е затворено ниту потврдено и тоа го покажа целокупната активност и гласањето во ЕП. Фрлањето песок во очи и лажењето на македонската јавност со идеа дека секоја наредна отстапка помалку ќе боли е единствената политика и решение кое што во моментов може да го видиме од СДСМ и Филипче.
Кои се ризиците и предизвиците пред кои е исправен предлогот на Мицкоски?
Огромна е веројатноста дека бугарската влада ќе ја одбие ваквата иницијатива. Исто така, Бугарија може иницијативата да ја толкува и како евентуално ограничување на нејзината предност и маневарски простор кој што го има како земја членка на ЕУ. Но, ако Бугарија одбере да ја прифати играта, како елемент на тактиката, тоа нема да значи дека тука ќе дојде до решение на проблемот. Сите спорови и конфронтации кои што во моментов се сведени на билатерално ниво, ќе се транспонираат на европско. Разговорите кои што се водат на ниво на мешовитата историска комисија меѓу Македонија и Бугарија, ќе се префрлат во Стразбур и Брисел. Можеби решението ќе остане околку далечно колку што е сега, но ќе се избегнат постојаните и невистинити обвинувања кон македонската страна за неконструктивност и неподготвеност за изнаоѓање на решение.
Вторио ризик е конфронтацијата меѓу партиите во Македонија, која што може да ја загрози пошироката политичка поддршка на иницијативата. За успешна стратегија, Мицкоски треба да примени широк дијалог со сите релевантни политички партии, вклучително и со СДСМ која го водеше процесот во времето на прифаќањето на преговарачката рамка. Тука можат да бидат вклучени и граѓанските организации со цел да покаже општествена ширина која ќе даде дополнителен легитимитет.
На крајот од денот, резолуцијата треба да биде поддржана од европските пратеници за да не испадне работата дека правиме сметка без крчмар. Без нив, документот нема ниту да биде усвоен, ниту да има ефект. Потребна е сериозна дипломатска кампања, кампања во која треба да бидат вклучени европски експерти, политичари, дипломати и сите останати кои што можат да дадат сопствен придонес.
Овој процес ќе претставува сериозна операција која што ќе се одвива во неколку фази. Најпрвин треба да биде соодветно составен нацрт текст на резолуцијата со конкретни и јасни формулации за јазикот и идентитетот. Мора да се дефинира заеднички став од македонска страна креиран од релевантните политички и општествени субјекти. Потребно е да се креира билатерална платформа Скопје –Софија со која ќе може да се настапи пред европските институции. Процесот ќе бара дефинирање на јасни и конкретни рокови за негова успешна реализација. Ќе мора да се ангажираат лоби структури во Европскиот парламент и да се активира целокупната дипломатска мрежа. Сето тоа неминовно ќе биде следено од јавна кампања која ќе треба да биде соодветно канализирана во интерес на процесот.
Звучи премногу комплицирано и неостварливо, но мора да постојат предлози и обиди за надминување на блокадата. Предлогот на премиерот Христијан Мицкоски не е само дипломатски и политички аргументиран, туку е и стратешки мотивиран. Со неговиот предлогот се отвора нов правец според кој наместо да се бара билатерално признавање на македонските идентитетски прашања во замена за уставни амандмани, се создава рамка за посредно признавање од страна на Софија со меѓународна тежина.
Планот на Мицкоски е иновативен, посветен на зајакнувањето на македонското право на самоидентификација и јазик, а во исто време го открива вистинскиот капацитет на дипломатијата кога се користат мултилатерални институции. Во услови кога бугарската страна ја условува евроинтеграцијата со уставни промени, резолуцијата од ЕП може да стане клучен правен и политички инструмент за преусмерување на дијалогот во конструктивна насока.