
Ја избравме Европа, не автократија. Мојот татко не умре за ова, изјави еден демонстрант. Главниот обвинител Руслан Кравченко, кој е близок на Зеленски, сега ќе може да ги прераспределува истрагите за корупција на потенцијално пофлексибилни истражители, па дури и да ги затвори.
Во Украина избија најголемите протести од почетокот на војната во 2022 откако Володимир Зеленски го потпиша законот со кој се ограничува автономијата на националните антикорупциски институции, што беше критикуван од меѓународната заедница. Критичарите велат дека законот ги поткопува овластувањата на Националното биро за борба против корупција (НАБУ) и Специјалното обвинителство за борба против корупција, ставајќи ги под контрола на главниот обвинител.
Зеленски кажа дека двете агенции ќе продолжат да работат, но мора да бидат исчистени од руското влијание. Откако законот беше потпишан, стотици луѓе се собраа во Киев за да го изразат својот револт, а протести имаше и во Лвов, Днипро и Одеса.
Во своето ноќно обраќање, Зеленски ја критикуваше ефикасноста на украинските антикорупциски органи, велејќи дека случаите се ставаат во мирување.
Нема рационално објаснување зошто кривични постапки вредни милијарди долари мируваат со години. Главниот обвинител ќе обезбеди неизбежно казнување на оние кои го прекршиле законот, рече Зеленски.
Украинската влада го наведе руското влијание како причина за ограничувањето на овластувањата на НАБУ. Ден пред да биде донесен контроверзниот закон, Службата за безбедност и канцеларијата на главниот обвинител извршија претреси и апсења насочени кон наводни руски шпиони во НАБУ. Овој потег предизвика загриженост кај западните сојузници на Украина.