
Традиционално, по четврти пат и годинава на 2 август на кејот на реката Црн Дрим во Струга ќе се одржи спортскиот фестивал „Илинден“ во организација на спортско-рекреативниот клуб „Соларис“.
Тој стана традиционална семејна собиранка по која граѓаните си ги темпираат слободните денови и годишните одмори .Велат за Илинден е најдобро на Дрим да си! Практично целото маало „Нико Нестор“е вклучено во подготовките. Едни ги подготвуваат стазите, други теренот, трети даваат само морална поддршка, но сите заедно овие денови живеат во исчекување на илинденската фешта, вели во интервју за „Република“ Коста Хиохи, претседател на Спортско – рекреативен клуб Соларис, организаторот на СФ Илинден.
Пријавувањето за учество е во тек, ќе трае до 25 јули, а натпреварувачите може да се пријават во ватерполо, пливање, кајак, СУП и струшка такла. Апликацијата за пријавување е објавена на официјалната фејсбук страна на Фестивалот. Право на учество имаат сите полнолетни граѓани кои официјално не се активни спортисти.
За автентичноста на фестивалот за „Република“ говори Лиза Пантековска, проектен координатор во клубот, што го вклучува и Илинден.
Автентичноста првенствено произлегува од самата локација. Сите натпревари се одржуваат во водите на Црн Дрим. Ја афирмира таклата како традиција прибележена единствено долж кејот и мостовите на градот убав. И можеби, најавтентичен на фестивалот е духот на стружани, питом, но пркосен кој не го остава никого рамнодушен, вели Пантековска за „Република“.

На 2 август ќе се одржи четвртото издание на традиционалниот спортски фестивал „Илинден 2025“, автентичен спортско-туристички настан во Струга. Колкумина натпреварувачи учестуваат, дали сите се професионални спортисти, кој се има право на настап, во кои спортови се натпреваруваат?
ХИОХИ: Минатата година на натпреварите учествуваа околу 150 натпреварувачи во сите дисциплини, а годинава очекувме бројот да биде надминат. Секако како учесници во фестивалот ја сметаме и многубројната публика која по некоја слободна проценка, лани беше над 3.000 посетители. Право на учество во натпреварите имаат сите полнолетни граѓани кои претходно се пријавиле на нашата платформа и ги прифатиле критериумите за учество. Еден од нив е натпреварувачите да не се активни спортисти, односно да не се официјални натпреварувачи во првенства организирани од соодветните спортски федерации. Секако можат да бидат поранешни спортисти, но и обични граѓани кои никогаш не се натпреварувале во официјални натпревари. Впрочем тоа е и основната цел на фестивалот, доближување на спортот кон секого. А, натпревари има во ватерполо, пливање, кајак, СУП и струшка такла.

Што е она што го прави „Илинден“ автентичен?
ПАНТЕКОВСКА: Автентичноста на фестивалот е повеќеслојна. Првенствено произлегува од самата локација. Како мегдан на сите случувања се водите на реката Црн Дрим. Понатаму, фестивалот ги вкрстува спортовите на и во вода на ист терен, презентирајќи го на тој начин најголемото спортско наследство и иднина на Струга. Ја афирмира таклата како традиција прибележена единствено долж кејот и мостовите на градот убав. Автентичен е и по пропозициите адаптирани кон природно димензионираниот терен што пак од друга страна ги приближува сите натпреварувачки дисциплини кон оние кои претходно спортот не го сметале за близок. Автентичен е и по комплементарните содржини кои се рефлексија на еснафлукот на струшката чаршија преку вештините на локалните ракотворци презентирани на кејот. И можеби, најавтентичен на фестивалот е духот на стружани, питом, но пркосен кој не го остава никого рамнодушен.

Како стружани го прифатија Фестивалот?
ХИОХИ: На наше огромно задоволство уште од првото издание сме прифатени со огромна симпатија од страна на граѓаните на Струга. Тоа го покажува и самата атмосфера на фестивалот. Тој стана традиционална семејна собиранка по која граѓаните си ги темпираат слободните денови и годишните одмори. Велат за Илинден е најдобро на Дрим си! Практично целото маало „Нико Нестор“е вклучено во подготовките. Едни ги подготвуваат стазите, други теренот, трети даваат само морална поддршка, но сите заедно овие денови живеат во исчекување на илинденската фешта.

Велите дека еден од главните критериуми да бидеш стружанец е да знаеш да скокаш такла. Ќе ни го објасните скокот?
ХИОХИ: Токму така, пред некоја година некој на шега на социјалните мрежи објави неколку „критериуми“ кои треба да се изполнат за да се стекне титулата Правилен стружанец“ меѓу другите секако беше и – Да зн’јш да скокаш такла од мостон чаршиски“ а секако тоа не далеку од вистината. Таклата е специфичен скок со кој се исфрлува вода високо на горе, него малите стружанчиња го совладуваат веднаш штом научат да пливаат, а тоа некако му доаѓа во раните години на детството.

Дали само стружани учестуваат во оваа дисциплина или и други имаат право да се натпреваруваат?
ХИОХИ: Не, иако стружаните најдобро го знаат рецептот за Такла и љубоморно го чуваат, право на учество имаат сите полнолетни граѓани од земјата и странство по претходна пријава. Така минатата година имавме и гости од Скопје и Битола, а годинава има пријавени гости од две соседни земји, така што полека почнуваме да ја извезуваме Таклата и надвор од Струга а и Македонија.

Има ли вклучувања на волонтери и како граѓаните може да помогнат? Има ли програма за вклучување на млади или маргинализирани групи?
ПАНТЕКОВСКА: Често посочуваме дека Спортскиот фестивал Илинден не е само фестивал за сите, туку дека е фестивал на сите. Независно од организациското ниво и организациската природа, волонтерите се неговата срж. И за среќа, од првото издание, тие се тука не само за нас, туку и за себе и за градот. Желбата да се помогне не познава возраст. Па, така волонтерската структура ја сочинуваат и средношколци и студенти и вработени, па дури и пенизонери. Вклученоста на секој од нив е согласно афинитетите и искуството. Од грижа за учесници и грижа за публика, до техничка поддршка. Постојат и такви со подлабока спортска инволвираност како судиски асистенти. Задоволството е што оваа најубава заедница се проширува од година во година. И за нас посебно важно што од годинава ќе стане и инклузивна за лицата со потешкотии. Ваквата ситуација е делумно и резултат на посебна проектна активност на која организаторот на фестивалот работи, а тоа е сензибилизација на општествената средина кон наведената група, зашто нужно ни е потребна отворена средина која прифаќа различности.

Какво е влијанието на настанот врз локалната економија и туризам?
ПАНТЕКОВСКА: Најголемата вредност на фестивалот е горепосочената автентичност. Во оваа развојна фаза, тој претставува интегриран дел од туристичката активност на градот за периодот и силно ја поттикнува нејзината различност. Радува сознанието дека фестивалот претставува мотив плус да се биде во Струга околу Илинден. Градот заживува, а заживуваат и услужните дејности. Свесни сме дека за поттикнување на посериозен туристички промет, потребна е поширока и повеќедневна програмска активност за која не само што размислуваме, но работиме постапно од година во година. Морам да потенцирам дека за последното е нужно да се пресретните со идејните концепти на економскиот сектор како најголема непосредна поддршка на фестивалот досега.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
фото: Приватна архива