
На 21 јули (понеделник) 2025 со почеток од 18:30 часот во Македонскиот културно-информативен центар во Софија ќе се одржи вечерта посветена на литературното дело на македонскиот поет и есеист Славе Ѓорѓо Димоски.
За книжевниот опус и литературните квалитети на Славе Ѓорѓо Димоски ќе говори проф. д-р Зоран Пејковски, директор на Македонскиот КИЦ во Софија.
Славе Ѓорѓо Димоски е роден на 18 март 1959 година во селото Велестово, Охрид. Основно училиште учел во Велестово, а гимназија во Охрид. Завршил Филолошки факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Основач е и долгогодишен раководител на манифестацијата Поетска ноќ во Велестово, во два мандати бил претседател на Управниот одбор на Национална установа Струшки вечери на поезијата. Пишува поезија, поезија за деца и есеи.
Книги поезија:
Гравири, 1979, Проект, 1982, Студен порив, 1985, Последните ракописи, 1988,. Спореден пат, 1991, Предмети и аргументи, 1994, Форми на страста (со цртежи на Сергеј Андреевски), 1998, Темно место, 1999, Мерач на зборовите (со цртежи на Сергеј Андреевски) 2007, Хаику на разгледници, 2015 г. Јазичен триптихон, 2015 г, Извештаи на Рисот, (со цртежи на Сергеј Андреевски), 2016, Кумова слама, 2018, Гравири – 40 години отпосле, 2019, Јазик и леб, 2019, Денес – поема, 2024, Грозје од кукавица, 2024.
Собрана поезија: Поезија/Ткаења, 1979 – 2014, 2014
Автор е на четири книги со есеи и шест книги за деца
Дваесет книги му се преведени на странски јазици, а поединечни песни и поетски циклуси преведени се на над триесет и пет јазици: англиски, француски, руски, малезиски, српски, романски, турски, албански, шведски, шпански, чешки, хрватски, словенечки, полски, азерски, украински, бугарски, германски, хебрејски, арапски италијански, грузиски, ерменски, монголски…
Наградуван е со повеќе домашни и меѓународни награди и признанија, меѓу кои “Браќа Миладиновци“, „Ацо Шопов“, „Сергеј Есенин“ , „Григор Прличев“, „Книжевен жезол“, двапати е добитник на наградата „Климент Охридски – патрон на Охрид“, на државната награда „23 Октомври„ и др.
Застапуван е во сите антологии на македонската поезија објавени во Македонија и низ светот по 1982 година.