
На романот за Гоце и Јанка работев, се подготвував и го пишував дваесетина години, вели во интервју за МИА Блаже Миневски, прозаист и драмски автор, чиј роман за најголемиот македонски револуционер, „Ако се родат некакви чувства“ е едно од најфалените дела во последнава деценија и е награден со признанието „Стале Попов“.
Во тој период истражував во архиви, собирав документи, разговарав со потомци на Јанка Каневче, вереницата или, поточно, љубовницата на Гоце Делчев, документарно и авторски ги реконструирав нивните средби, интимните чувства, нивните планови, копнежи и соништа. Процесот на работа бараше постојано да се „документира“ авторската имагинација, но и креативно да се реконструираат фактите како верификуван сведок на животот. Во книгата како прилог се објавени ексклузивни, интимни записи, доверливи извештаи, писма на Јанка до Гоце, факсимили од нејзиниот дневник, досега непознати фотографии од потомците на Јанка од бракот со Михаил Герџиков. Низ приказната се преплетуват автентични сведоштва за Гоце и Јанка, за тајните средби, за интимните моменти, за плановите што ги имале, за венчавката што ја замислувале, но и за траумите од загубата на саканиот и за болеста што ја разјадува, за лузните што ги чувствува до крајот на животот распната меѓу она што го носи во душата и она што го живее како судбина. Кога сето тоа ќе се затвори во една наративна структура може да се каже дека „Ако се родат некакви чувства“ не е само уметничка проза, не е ниту зборник, ниту фељтон, ниту историски запис, ниту поема, ниту само реконструкција на една љубов, туку сето тоа заедно – хроника од чувства што го прават човекот одделно и посебно суштество, а Јанка и Гоце се токму тоа – посебни и особени.
Големата љубовна приказна меѓу нив започнала кога таа имала дваесет и две, а тој дваесет и осум години, и траела речиси три години, до крајот на неговиот живот.
Нивната љубов е нашата најголема историска љубов. Ние немаме друга поголема и попотресна љубовна приказна поврзана со значајна личност од нашата историја од оваа. Гоце планирал да се ожени со Јанка веднаш по Илинденското востание, но не успеал да го преживее предавството. Неколку месеци пред убиството во Баница му оставил аманет на Герџиков, еден од неговите најдобри пријатели и соборци, ако тој загине, Јанка да се омажи за него, но само „ако се родат некакви чувства“. Дали се родиле такви чувства е нишката што се провлекува од првата до последната страница на романот.
Тој открива од каде мотивот за пишување на ова дело.
Пред дваесетина години пишував репортажи за потомците на нашите револуционери и тогаш во Државниот архов во Софија открив писменце, напишано од Јанка Каневче, во кое искажува длабока загриженост за животот на Гоце Делчев. Во февруари 1902 година, кога веќе две години биле заедно, а за нивната љубов знаеле само најблиските, Јанка со писмо до весникот „Дело“ ја демантира веста дека тој е убиен. Такви вести во тој период излегувале често а реакцијата на Јанка е првиот посреден „доказ“ за нивната љубов. На крајот од демантот таа пишува: „Докажете, ве молам, дека е жив и здрав, иако мнозина веруваат дека господинот Гоце Делчев е убиен. Докажете им дека е жив! Ако не сакате, тогаш не ми испраќајте на наведената адреса ништо. И сето ова, ве молам, да не се знае од кого е, и кој го праќа“. Кога го видов оригиналното писмо, со нејзиниот краснопис (факсимилот е објавен во романот н.з.), кога го прочитав, веднаш го почувствував и нејзиниот ужасен страв, но и нејзината голема љубов. Претходно веќе го знаев аманетот на Гоце во врска со неа. Аманетот доаѓа една година по демантот. Пред да замине за последен пат од Софија, Гоце скришум од неа, од својата Јанка, остава аманет за Герџиков, во тоа време негов најблизок пријател: „Ако се случи нешто со мене, ако ме убијат, има две нешта за кои милеам – татковината и Јанка. Чувај ги двете. Ако некогаш се родат некакви чувства меѓу тебе и неа, бидете благословени.“ Токму тука, всушност, почна да се оформува во како идеја романот за нивната врска, приказната за животот меѓу стравот и љубовта! Во меѓувреме требаше да се случи и една моја сосема случајна или, поточно, судбинска средба со правнуката на Јанка, поетеса од Софија, да поминат уште пет години потоа за да биде романот завршен, докрај комплетиран со спомените што се чувале во семејството Герџикови, и на крајот објавен. Приказната на повеќе нивоа ги следи чувствата како суштина на животот воопшто, трансформирајќи ја дилемата „да се биде или не“ во максимата „да се чувствува или да се умре“. Всушност во основа романот го поставува прашањето дали може да се биде среќен без чувства?
Целото интервју тука