Skip to main content

Денес новите генерации ретко имаат можност да прочитаат интервју со музичари, рече новинарот Михајло Грбевски на промоцијата на неговата дебитантска книга „Rock n’ beat“

Планот за објавување на оваа книга не беше само да се собере на едно место она што сум го работел, туку и да остане како наследство за некои нови генерации коишто денес ретко имаат можност да прочитаат интервјуа со музичари. Има интервјуа со политичари, бизнисмени, но во последно време се помалку може да прочитаме интервју со музичари, кажа на промоцијата музичкиот новинар Михајло Грбевски – Мишко на својата дебитантска книга „Rock n’ beat“ која се одржа на пладне во Скопје, пред музичката продавница „До ре ми“. Промоцијата на книгата беше во рамки на Скопско лето.

Во книгата „Rock n’ beat“ се објавени педесет интервјуа од дведецениска новинарска кариера на Грбевски во неколку печатени медиуми, дневни весници и неделници („Екран“, „Ритам“, „Време“, „Нова Македонија“). Книгата има четири циклуси – „Рок пролет“, „Вечен бунтовник“, „Валкан Балкан“ и „Звукот на подземјето“.

Во првиот дел се вкулчени разговори со домашни музичари од постарата генерација кои на некој начин ја го трасираа патот на развојот на македонскиот рокенрол. Тука се имиња од типот на Армен Сурмејан, Јаков Дренковски, Гранит Таќи, Влатко Стефановски, Гарабет Тавитјан, Бодан Арсовски, Кокан Димушевски, Кирил Џајковски, Горан Трајковски, Горазд Чаповски… Делот насловен „Вечен бунтовник“ опфаќа интервјуа со некои навистина големи странски ѕвезди кои повеќето ги гледавме и слушавме во Скопје, како на пример, Џони Ротен од панк-пионерите „Sex Pistols“, потоа Јан Гилан од „Deep purple“, Дејвид Ковердејл од „Whitesnake“, Били Гибонс од „ZZ Top“, џез-гитаристот Ал ди Меола и многу други.

Третиот дел „Валкан Балкан“, самиот кажува дека станува збор за разговори со балканските музичари меѓу кои Душан Којиќ-Која од „Дисциплина кичме“, Милан Фрас од „Лајбах“, Давор Гобац од „Психомодо поп“, Сејо Сексон од „Забрањено пушење“, членовите на „Дубиоза колектив“, Миле Кекин од „Хладно пиво“ и други. Во последното поглавје, со симболичен наслов „Звукот на подземјето“, се поместени интервјуата со домашните музичари и групи, кои сите заедно ја градат македоснката андерграунд-сцена. Тука може да се прочитаат интервјуа со музичари како Кирчо Арсовски од „ТБ Трачери“, Идриз Амети од „Бла, бла бла“, Петар Младеновски од „Суперхикс“, потоа со членовите на панк-рок составите „Паркети“, „Флукс“, „Д`Далтонс“, металците „Санаториум“, „Steel temple“, „Верка“, „Smut“… Исто така не се заборавени и родоначалниците на македонска хип-хоп сцена „Чиста околина“, а секако и џезерите меѓу кои Владан Дробицки од „Sethstat“ како и членовите на групата „Летечки пекинезери“.

Дедлајнот е свето нешто во новинарството, не смее да не се почитува. Од друга страна пак, дедлајнот практично знае да ги извлече и најубавите мисли од новинарот. Мишко две децении се занимава со новинарство, јас повеќе од три, го чувствувам неговиот жар, неговата страст за тоа што денеска го промовира. Меѓутоа, објавата на книгата значи и нешто повеќе. И самиот објавив неколку книги и мојата мисла беше дека треба да оставиме нешто зад себе. Во нашата работа оставаме стотици, илјадници текстови и како што се менуваат времињата, малку од тие текстови може да си пронајдеме во архивите. Практично, ова што Мишко го прави со неговата книга е обид за трајно архивирање на еден мал дел од она што тој го има напишано во неговата професионална кариера. Тој направил мал исечок од она што го објавил како новинар. Во време на дигитализација, класичниот книжевен израз и печатените медиуми полека одат во втор план, меѓутоа малкумина знаат дека тоа што ќе го ставиме на интернет или ќе го постираме на социјалните мрежи има многу пократок рок на траење од тоа што ќе биде објавено во печатените медиуми. Затоа е добро што Мишко успеа да ги издржи сите перипетии околу издавањето на книгата и сега сме сведоци на едно фантастично издание во кое тој направил селекција на интервјуа со нему драги личности, кажа новинарот Томи Димков на промоцијата.

Музичкиот новинар Ненад Георгиевски вели дека најубаво чувство е кога ќе се објави книга.

Тони Димков, Михајло Грбевски и Ненад Георгиевски на промоцијата / Фото: Република

Потребни се неколку години да се напише една книга, па да се аплицира, да се дојде до фазата печатење и после да се преживее и издавачот. Добриот новинар го препознавате по прашањата кои ги поставува и сите интервјуа во книгата нудат многу интересни содржини. Ова е и презентација на што се случувало на културен план во државата, кажа Георгиевски на промоцијата.

Грбевски на промоцијата кажа дека има уште многу материјали кои чекаат да бидат објавени. Во план е да се објави книга со продолжение со други интервјуа кои што не влегоа во оваа книга. Грбевски има и други новинарски формати, како реценции на албуми и концерти, така што во иднина може да се очекува и книга која ќе биде збир на овие текстови.

Поврзани вести