Skip to main content
НАТАША ПОПЛАВСКА, РЕЖИСЕРКА

„Лов на дива свиња“ е крик на сите оние жени што почувствувале насилство на каков било начин

Емил Петров / Наташа Поплавска: „Лов на дива свиња“ е приказна за семејно насилство и семејни тајни, демони што се пренесуваат во фамилијата

„Лов на дива свиња“ по текст на црногорската писателка Марија Сарап, а во режија на Наташа Поплавска премиерно ќе биде изведена на 19 јули, в сабота, во 20,30 часот на малата сцена на Македонскиот народен театгар (МНТ) во рамки на Скопско лето.

Претставата е праизведба и е спој на два драмски текста од современата авторка Сарап – „План Б“ и „Лов на дива свиња“, и двете тематизираат интимна приказна за жени што трпат семејно насилство и прашањето како да се спротивстават и да се заштитат во тие токсични околности во кои забораваат на себе и се преобразуваат во нешто што не се. Токму поради тоа што станува збор за интимна приказна е избрано таа да се постави на малата сцена на МНТ.

Претставата е копродукција помеѓу МНТ, Градско позориште од Подгорица и Здружението за развивање на уметност и културна соработка „Арт Медиа“ од Скопје и е прва соработка по потпишаниот Меморандум за продлабочување на културна и уметничка размена меѓу Македонија и Црна Гора.

Во претставата играат актери од двете земји: нашите Искра Ветерова-Славенска, Ана Стојановска и Мина Јелушиќ-Јериниќ и гостите од Црна Гора – Ѓоргије Татиќ и Вукан Пејовиќ, кои на сцената ќе зборуваат на македонски и на црногорски јазик.

По праизведбата во МНТ, ќе има премиера и во Подгорица планирана за септември. „Лов на дива свиња“ ќе се игра на сцените во МНТ и на Градско позориште Подгорица, со тоа што ќе бидат задолжени две технички екипи и за гостувањата ќе патуваат само актерите.

„Лов на дива свиња“ е новата претстава што ја работите во Македонскиот народен театар во копродукција со Градското позориште од Подгорица и Здружението за развивање на уметност и културна соработка „Арт медиа“ од Скопје. Како дојде до оваа соработка?

ПОПЛАВСКА: Со Македонскиот народен театар имам долгогодишна соработка. Како професионалец пораснав токму на таа сцена каде што имам реализирано претстави што биле значајни и за мене и за театарот, почнувајќи од „Едмонд“, која ја работевме со мојот драг колега Синиша Евтимов уште додека бевме студенти. Потоа во 2002 ја направив и „Сина соба“, првата претстава што ја реализирав во копродукција помеѓу „Арт медиа“ и МНТ. Потоа ја поставив претставата „Госпоѓа министерка“ (2009), која со години се играше на репертоарот на театарот, за во 2015-та да отвориме нова страница на македонската театарска сцена со поставување на мјузиклите „Чикаго“ и „Мамма миа“. Со доаѓањето на директорот Никола Кимовски, разговаравме за многу нови идеи за идни проекти, како и за развивањето на меѓународната соработка. Како прва меѓународна соработка предложив да направиме копродукција за реализација на претставата од современата црногорска авторка Марија Сарап, „Лов на дива свиња“, која би се поставила кај нас, а да се реализира помеѓу МНТ и „Арт медиа“, како носители на проектот од Македонија и Градско позориште од Подгорица, Црна Гора. Потоа предлогот го аплицирав во Министерството за култура и туризам, кое, за среќа, ја поддржа нашата идеја, а од страна на Црна Гора претставата ја поддржа Општината на Градот Подгорица.
Мојот предлог потоа ѝ го понудив и на директорката на Градското позориште, Сандра Вујовиќ, која имаше слух за потребата и значењето на ваква соработка и регионално поставување на современ црногорски текст. Директорите на двата театри, Македонскиот народен театар и Градското позориште Подгорица, потпишаа меморандум за соработка, кој има за цел токму вакви копродукциски проекти со кои сцената ќе ја делат актери и автори од двете театарски сцени, Македонија и Црна Гора, со цел да ја развиваат современата театарска сцена во регионот.

Црногорскиот актер Ѓоргије Татиќ и актерката на МНТ Ана Стојановска во сцена од „Лов на дива свиња“ / Фото: Емил Петров

Текстот што го работите е од современата писателка Марија Сарап. Дали може да ни кажете нешто повеќе за темата?

ПОПЛАВСКА: Со делата на Марија Сарап се имам запознаено уште пред десетина години. Таа е извонредна современа писателка и уште веднаш посакав да поставам нејзино дело. Неколку години не бев сигурна кое од нејзините дела повеќе сакам да го поставам, „План Б“ или „Лов на дива свиња“. На крајот заедно со Марија одлучивме тоа да биде „Лов на дива свиња“, во која ќе вметнеме сцени и од „План Б“, затоа што двете драми се поврзани. Темата разработува проблем со кој се соочува секое општество, многу семејства, многу жени, а тоа се насилството и семејните демони и тајни… Потребата за гласно проговорување на темата насилство врз жените и охрабрувањето на жените се важни сегменти на кои треба да работи не само нашето општество, туку тоа е проблем што ги засегнува сите земји во регионот и, воопшто, во светот. Така што, би рекла, темата е универзална, се случува овде и сега, кај нас и секаде.

Каде го гледате местото на оваа претстава во рамките на современиот македонски театар?

ПОПЛАВСКА: Тешко можам сега да одговорам дали ја гледам, каде ја гледам… Мислам дека во моментов местото ѝ е токму каде што треба да биде, на малата сцена на Македонскиот народен театар. Јас секогаш сум се трудела да ги подигнам границите на возможното не само од себе туку и од актерите со кои соработувам и сите други соработници. Претставата отвора вековен, универзален проблем со кој се соочува жената и сурово го покажува она што една жена го доживува во вакви околности. Од друга страна, самата соработка со МНТ и Градското позориште од Подгорица е особено важна и значајна за сите нас што ја создаваме претставата, но и за театарските куќи, за „Арт медиа“ и, воопшто, соработката во доменот театар помеѓу двете земји, Македонија и Црна Гора. Креирањето сцена со мешана актерска екипа е, исто така, возбудливо и инспирира, па затоа мислам дека направивме добра претстава, која ќе си го најде својот пат не само на сцената на МНТ и ГПП туку и на регионалната и интернационалната театарска сцена, гостувајќи на фестивали што се предвидени во иднина.

Каква реакција очекувате од публиката?

ПОПЛАВСКА: Oчекувам публиката најпрвин да ја доживее приказната што ја пренесуваме онака како што ние ја доживеавме кога го прочитавме првпат текстот и би сакала да се соочи со проблемот што го отвора претставата. А потоа и доколку успее да освести некого во публиката што можеби доживува сличен проблем и да почне да делува. Тогаш сме успеале во нашата мисија на пренесувачи на важни пораки.

Наташа Поплвска: Би сакала публиката да се соочи со проблемот што го отвора претставата / Фото: Емил Петров

Колку е важен театарот денес како платформа за општествена критика?

ПОПЛАВСКА: Секогаш бил важен, не само денес. Театарот, покрај тоа што ја имал својата моќ да забавува, ја имал и моќта да критикува и да сигнализира на пробелмите во општеството. Јас како режисер често сум отворала општествени проблеми што му пречат на развојот на едно општество. На пример, „Чикаго“ е еден од првите феминистички крикови во Америка во минатиот век, приказна на повредени жени, за корупција, неправда, убиства и медиумска манипулација. Така и оваа претстава е крик на сите оние жени што почувствувале насилство на каков било начин и за сите оние што трпеле туѓи семејни демони.

Премиерата е на 19 јули, во рамките на Скопско лето, а во септември треба да се случи премиерата во Подгорица. Колку се важни за културата и за уметноста, воопшто, вакви проекти во кои се вклучуваат уметници од две држави?

По подолго време на сцената се враќа актерката Искра Ветерова – Славенска / Фото: Емил Петров

ПОПЛАВСКА: Ретки, а драгоцени се ваквите соработки, кога можеш да ја делиш сцената и да создаваш уметност со уметници од различни земји. Особено се важни. На секој театар или на секој уметник му треба актерска размена. Тоа отвора нови врати на инспирација. Соработката со колегите од Црна Гора ме врати на онаа убавина и радост на сцената што ја имав кога почнував да се занимавам со театар. Со радост ја чекаш секоја проба, учиш секој ден, осозноваш, развиваш заеднички идеи и тоа што говориш на два јазика не го ни забележуваш. Преубаво искуство и размена на енергија, креација, љубов и разбирање. Посакувам секој уметник и театар да може да создава заеднички проекти со уметници од други земји и се надевам дека ќе се родат уште многу нови соработки во доменот на културата и уметноста помеѓу Македонија и Црна Гора.

Дали иднината на театарската уметност е во копродукции? Дали тој начин дава слобода во креирањето или пак тоа е потешкиот пат?

ПОПЛАВСКА: Копродукциите се нешто што треба да го развиваме сѐ повеќе во нашите театари, но мора да се земе предвид дека меѓународната соработка бара и поголеми финансиски средства за продукција на претставата. Мора да се земат предвид патувањата, сместувањето и другите трошоци што не би биле доколку е продукција само на матичната куќа. Но копродукциите се поле за размена на искуство и соработка, пренесување знаење, создавање убавина, откривање инспирација за идни соработки. Во таа смисла, може да се каже дека еден од важните модели за развивање на актерот, театараските куќи и културата, воопшто, е интернационалната размена на искуство и знаења.

Разговараше: Александра М. Бундалевска

фото: Емил Петров

Поврзани вести