Skip to main content

Преведувач во институциите на ЕУ отпуштен поради „нарушување на безбедноста“

Freeepik

Европската комисија отпушти преведувач ангажиран за симултан превод од украински на француски јазик и обратно на официјални собири на ЕУ, поради „загриженост за потенцијално нарушување на безбедноста“.

Комисијата соопшти дека презела мерки против преведувачот поради „инцидент поврзан со водење белешки“ за време на Самитот на ЕУ во декември минатата година, на кој присуствуваше и украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Според Кодексот за однесување на ЕК, забрането е водење забелешки од заседанија на кои се расправа за чувствителни прашања, како што се одбраната и безбедноста. Ваквите правила беа усвоени поради стравување од потенцијална шпионажа и пренесување на доверливи информации на трети држави.

Комисијата информира дека белешките веднаш му биле одземени на преведувачот и по „внимателно разгледување на фактите“, биле преземени „соодветни мерки за да спречи повторување на ваков инцидент“. – Во овој конкретен случај, беше одлучено во иднина повеќе да не се користат услугите на овој преведувач, посочи ЕК.

Весникот „Монд“ тврди дека по отпуштањето на преведувачот, истрагата за случајот за можна шпионажа им е предадена на белгиските власти.

Изминативе годни европските институции истражуваа неколку случаи поради сомнежи за шпионажа. Така, минатата година поранешната летонска европратеничка Татјана Жданока беше санкционирана поради соработка со руската Федерална служба за безбедност (ФСБ).

Лани во ноември вработени во ЕК упатија писмо до бриселскиот портал „Политико“, тврдејќи дека има сериозна закана од странски агенти во Комисијата. – Брисел е еден од најголемите шпионски центри во светот, со стотици активни разузнавачки службеници кои ја таргетираат нашата институција, беше наведено во писмото.