Тетовскиот градоначалник Биљал Касами и претставници на администрацијата патуваа со граѓаните во автобусите на општинскиот превозник на линијата Тетово-Попова Шапка-Тетово која почна да функционира од денес по повод почеток на скијачката сезона.
Ски центарот Попова Шапка од петокот ги пушти во употреба ски-лифтовите со што беше означен почетокот на скијачката сезона на Попова Шапка.
Касами порача да се користи јавниот превоз и најави поддршка за ски-центарот и од Владата и од општината.
Се е преземено за ова зимска сезона да биде успешна. За кратко време е направена голема работа за што му честитам на директорот и од денес овој центар е на услуга на граѓаните. Ги повикувам сите скијачи и љубители на зимските спортови заедно со нивните деца и семејства да дојдат да уживаат а и е добро за нивното здравје. Ветувам дека како локална самоуправа и како влада ќе работиме силно. И многу повеќе со инвестициите што планираме да ги реализираме во овој туристички центар, изјави Биљал Касами.
Јавното претпријатие „Тетово транспорт“ од денес ја воведе линијата Тетово-Попова Шапка-Тетово која ќе функционира во саботите и неделите. Од Тетово до Попова Шапка автобусите ќе тргнуваат во 08:00, 10:00, 12:00 и 15:30 часот, а во градот ќе се враќаат еден час подоцна од овие термини.