
Македонскиот Културно-информативен центар во Истанбул ја најавува изложбата „Трага на нематеријалното“ на македонската уметница Софија Грабулоска, која ќе биде отворена на 8 јули (вторник), во 19:00 часот во галерискиот простор на Центарот.
Во оваа галериска адаптација, Грабулоска отвора врата кон светот на дигиталната тишина, каде што звукот, светлината, линијата и бинарниот код се трансформираат во визуелна медитација. Изложбата се состои од 10 вертикални дигитални дела (50 x 210 cm) и видео-проекција која алгоритамски ги интерпретира нивните облици, спој меѓу аналогното и дигиталното, меѓу надреалното и конкретното.
Оваа симбиоза нуди нов начин на доживување уметност: тивок простор каде што технологијата не ја заменува уметноста, туку ѝ дава нова длабочина. Проектот нуди ретко визуелно и сензорно искуство, во кое публиката не е само набљудувач, туку активен учесник во дијалогот меѓу видливото и невидливото.
„Трага на нематеријалното“ ги отвора границите на перцепцијата, поставувајќи прашања за суштината на објектите, на просторот, на постоењето и повикува на интимна, тивка, но интензивна уметничка размена. Оваа изложба е гест на современата уметност која не бара одговори, туку нови начини на гледање.
Софија Грабулоска (1981, Прилеп) е македонска уметница која со специфичен визуелен јазик ги спојува скулптурата, дигиталната технологија и звукот. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје (2006), каде што во 2015 ги завршила и постдипломските студии, со фокус на скулптура и 3D-печатење.
Нејзиното творештво опфаќа концептуални и скулптурални дела кои ги истражуваат односите меѓу просторот, звукот и формата, низ пристап кој таа го именува како „Нова ДНК“. Со долгогодишна соработка со Богдан Грабулоски Бонач и Виолета Блажеска, Грабулоска е меѓу првите во регионот што го третираат звукот како визуелен елемент во ликовната уметност, преку процеси на дематеријализација и повторна материјализација на звучни структури во визуелни форми.
Во последните години, таа активно истражува неоматеријализам, развивајќи уникатен концептуален пристап кој комбинира рачно цртање, алгоритамски код, анимација и просторна инсталација.