
Данок за немажените граѓанки и граѓани за да се спасиме од демографска катастрофа. Идејата секако беше дочекана на нож на социјалните мрежи (каде добар дел од немажените го поминуваат вишокот слободно време), и премиерот Мицкоски ја повлече за еден ден. Како смее владата да предлага трансфер на пари од една категорија граѓани кон друга зависно од нивниот брачен/семеен статус – прашуваа гневните синглови?
А сепак, убедливо најголемиот расход на нашето општество е токму тоа – нефер трансфер на пари од една кон друга категорија граѓани зависно од нивната семејна состојба. И тој трансфер апсолутно е нефер денивелиран во прилог на граѓаните без потомство. Се разбира, зборувам за пензискиот систем, кој има крајно негативен ефект врз традиционалната семејна структура и субвенционира бездестство.
Бидејќи ретко се случува да го слушнете аргументот за штетноста на државниот пензиски систем поставен на ваков начин, дозволете да го образложам. Но, првин, да се оградам дека ова што ќе го прочитате е научна фантастика, која нема шанси никогаш да се спроведе во реалност, апсолутно не го препорачувам на ниту една опција која сака да остане релевантна на политичката сцена, не служи дури ни да се отвори дијалог туку само за тивка контемплација.
Значи, државата Македонија секоја година на околу 340,000 пензионери им исплаќа околу 1,4 милијарди евра. Од овие пари, скоро две третини се обезбедуваат преку исклучително високиот данок што го плаќа секој редовно вработен граѓанин (18.8 проценти од бруто платата), а остатокот се дополнува од централниот буџет (од ДДВ, 10 процентниот данок на доход и другите буџетски приходи). Ова се гигантски суми. Бидејќи главно зафаќаат од платите на работно ангажираните граѓани или од ДДВ данокот (со кој се поскапуваат сите производи, со што индиректно се намалуваат платите), овој систем има исклучително силен ефект врз намалување на животниот стандард на продуктивното население и обесхрабрува отворање (легални) работни места. Кога ќе му одземете една четвртина од платата на секој вработен граѓанин, тоа значи дека активното население има помалку пари да купи стан и основа семејство, а компаниите, поради повисоките издатоци за бруто плата, имаат помалку пари да отворат нови работни места.
Но, пензискиот систем е неопходен за обезбедување не само животен стандард туку и голо преживување на постарата неактивна генерација, која, се разбира, работела цел живот, ја градела државата, своевремено ги плаќала истите овие даноци во полза на претходната генерација, и сега, како дел од нашиот општествен договор, ја заслужува истата поволност што ја имале претходните генерации. Меѓу другото, бидејќи плаќала една четвртина од своите приходи за пензискиот фонд, денес пензионираната генерација не можела да заштеди доволно пари, да стекне вишок недвижности или да почне бизнис на кој ќе се потпре во својата старост, и нормално дека ќе биде зависна од пензијата (иако по правило, постарата, пензионираната генерација има доста повеќе имот од помладите генерации кои ја издржуваат – и ова е веќе горливо политичко прашање во западните земји).
Поради ова чувство на меѓугенерациски долг и солидарност, и поради идејата дека луѓето кои плаќале кон пензискиот фонд заслужуваат да ги добијат своите пари назад, ние не сме слушнале посериозни критики на пензискиот модел, и покрај то што тој е очигледно неодржлив, особено со сменетата демографија. Меѓу другото, пензионерите се најредовни гласачи, па затоа партиите ќе се потепаат да им загарантираат дека по секоја цена ќе го држат пензискиот фонд во живот.
Проблемот е што кога го оправдуваме постоењето на овој фонд, обично знаеме да кажеме дека е правичен затоа што денешните пензионери цел живот плаќале данок за ПИОМ. Но, тука настапува големата забуна. Тие пари никој не им ги чувал – тие не се заштедени во девизи, акции или крипто.
Тие пари се одамна потрошени, за исплата на пензии на родителите, па и бабите и дедовците на денешните пензионери. Пензискиот фонд почнал да исплаќа пензии на генерациите кои не го полнеле, или го полнеле само една-две години, односно е замислен не како фонд кој ги чува парите на осигурениците за тие да имаат мирни пензионерски денови, туку е фонд преку кој од помладите се бара да им даваат пари на своите родители, баби и дедовци – надвор од традиционалните доброволни семејни структури туку под будното око и принудата на државата. Тој е еден од елементите на тоталитарната држава која сака да ги преземе доброволните системи во општеството – за државата да има тотална контрола врз општествените процеси.
И така доаѓаме до главниот структурен дефект на државниот пензиски фонд. Во традиционалното семејство, мирната старост на граѓаните зависела од бројот на деца што ги имале, од тоа како ги воспитале, дали да бидат вредни и продуктивни, да го унапредуваат семејниот имот, бизнис или пак да бидат посветени работници, и при старост да можат да се грижат за своите родители. Јасно е дека маж и жена со пет деца ќе имаат многу поголеми шанси за мирна старост отколку луѓе без деца или со едно дете.
Но, државниот пензиски фонд воопшто не го зема предвид бројот на деца кога ја определува висината на пензијата. Единствениот критериум за доделување на пензија и за определување на нејзиниот износ е платата што ја примал осигуреникот и годините на стаж, а не и бројот на деца што ги имал граѓанинот и кои по неговото пензионирање продолжуваат да го полнат фондот.
Мораме да разбереме дека ние како граѓани фондот го крепиме на два начини, и двата се еднакво важни – преку данокот што го плаќаме на платата што ја заработуваме во нашиот активен живот (пари кои одат за потребите на претходните генерации), и преку имање, чување и воспитување на деца кои ќе бидат продуктивни во иднина и ќе продолжат да го полнат фондот за и ние да имаме од каде да примиме пензија.
Може да се случи граѓанин кој примал висока плата (во минатото честопати тоа беа таканаречените заслужни граѓани, борци од НОБ и подоцна државни функционери, а денес тоа се обично високо-образованите) може да има огромна пензија иако немал деца или имал едно дете, па и тоа го ставил на државна цицка, додека човек од сиромашно земјоделско или работничко семејство со повеќе деца ќе добие мала или никаква пензија.
Иако, кога и едниот и другиот ќе се пензионираат, парите што ги уплатиле за ПИОМ одамна се изедени и испиени, а единствениот нивен натамошен придонес од кој и едниот и другиот ќе земаат пензија се даноците уплатени од децата што ги имале, кои останале во земјата и се продуктивни граѓани во приватниот сектор (придонесот на државниот сектор кон ПИОМ технички постои но во пракса е далеку помал).
Накусо – пред 70-ина години тоталитарната држава земала еден исклучително сложен општествен систем – семејството – кој се градел со милениуми, го национализирала, решила да го уреди по свое, а притоа не земала предвид еден основен елемент од тој систем – дека мирната старост зависи од бројот на деца на кои можеш да се потпреш.
Наместо граѓаните со поголем број деца на старост да уживаат во сигурноста која ја пружа фактот дека издвоиле неброени саати грижејќи се за своето поколение, образувајќи ги, бдеејќи над нив кога биле болни, водејќи ги на прав пат, работејќи за да обезбедат храна, облека за повеќемина, поголемо живеалиште и возило…, тие граѓани денес мора да гледаат како нивните деца плаќаат данок кој им се дели НА СИТЕ пензионери, на знајни и на незнајни луѓе, на пензионери кои имале и на пензионери кои немале деца, кои учествувале во создавањето на активното население, и на тие кои одбрале да не учествуваат во создавањето на новата генерација, сепак очекуваат нечии туѓи деца да одат секој ден на работа, да издвојат 18.8 проценти од својата бруто плата за пензискиот фод, па уште една солидна сума преку ДДВ и данокот на доход, и преку државниот фонд да им ги дадат тие пари секој први во месецот на трансакциска сметка.
Не велам дека оваа груба финансиска мотивација е единствената причина што голем процент од нашите граѓани решаваат да немаат деца.
Но, факт е дека сме создале огромен, крајно неправеден систем кој при старост финансиски ве наградува ако немате деца, а ве казнува ако сте имале. А субвенциите се значајни за насочување на граѓаните во правилната насока. Ако граѓаните сфатат дека можат да имаат мирна старост на грбот на нечии туѓи деца, ако државата ви тргне едно големо гајле, тоа гради свест дека не е ништо страшно да немате деца и нема никако да се одрази на вашиот комфор. Ако височината на платата е единствениот критериум за височината на пензијата, ние ги наградуваме високо образуваните, кои по правило имаат помалку деца, граѓаните кои имале повеќе слободно време да се посветат на кариерата, да одат на повеќе обуки, семинари, да работат прекувремено, и поради тоа нормално дека ќе напредуваат побрзо од работниците со семејни обврски, ќе имаат повисока плата и на крај повисока пензија која ќе ја плаќаат децата на нивните семејни колеги.
Пензискиот фонд не е единствениот државен систем кој прелева пари од една група граѓани кон другата. Некои од системите се во полза на семејствата со деца – на пример образовниот систем исто така се финансира од сите граѓани, а од него полза имаат само семејствата со деца. Сепак, неговата големина е далеку помала од пензискиот систем, кој, како што рековме, во перспектива го одржуваат семејствата со деца.
Јавниот здравствен систем исто така ги покрива децата без дополнителен надомест кон нивните родители, но слично како и пензискиот фонд, најголемите трошоци на здравствениот систем се случуваат при староста на граѓанинот. Таму секој вработен граѓанин мора да плати 7.5 проценти од бруто платата, и повторно не се зема предвид дали вие, како граѓанин и пациент, во текот на активниот живот сте ја направиле огромната инвестиција да учествувате во создавање на новата генерација, за кога ќе бидете болни и изнемоштени да има некој да работи, да плаќа данок и да го финансира системот кој ќе ве лекува и ќе се грижи за вас. Повторно граѓаните кои немале деца очекуваат нечии туѓи деца да плаќаат данок кон ФЗО фондот, а тие пари не одат кон лекување само на нивните родители, баби и дедовци, туку и за лекување на тотални странци.
Здравствениот и образовниот денар се користат за вработување на лекари и учители и одржување на огромна инфраструктура, но пензискиот систем е чист трансфер систем. Земаме пари од А и му ги даваме на Б, и тоа, според принципи кои придонесуваат системот да биде неодржлив, а голема категорија граѓани, кои секако имаат слобода да решат дали ќе стапат во брак и ќе имаат деца, да бидат заштитени од една од сериозните последици на нивната одлука, и да очекуваат да бидат згрижени на старост исто како да имале деца.
Затоа, наместо воведување на нови даноци за бездетните или немажените, подобро би било да го реформираме веќе постоечкиот гигантски пензиски систем, преку кој државата нашла за сходно да национализира и преземе важен дел од традиционалното семејство. Фондот веќе има 1.4 милијарди евра годишно! Фондот буквално има задача да одржува меѓу-генерациска солидарност. Не е надвор од умот да го реформираме така што ќе го насочиме да поттикнува создавање на следната генерација. Да ги натераме граѓаните уште кога се млади да размислат дека, ако не за друго, следното поколение ќе им биде потребно од чисто себични причини – да има кој чаша вода да им подаде на старост.
Како би можеле да го смениме системот? Исплатата на пензиите би требала попрецизно да го копира традиционалното семејство, така што повисока пензија би добивале граѓаните кои имале повеќе деца, особено ако тие деца сега се продуктивни граѓани и придонесуваат кон пензискиот фонд. Тука морам уште еднаш да потенцирам дека политичката реалност е таква да ова е невозможно за реализирање и не очекувам ниту една партија сериозно да се обиде не да го спроведе туку ни да го дискутира во јавноста. Но, ете: одреден дел од пензијата, на пример 2/3 или 3/4 од неа, би можел да остане врзани единствено со висината на платата што пензионерот ја примал и врз основа на која уплаќал кон фондот на ПИОМ. Остатокот од пензијата би можел да се врзе со бројот на деца што граѓанинот ги имал.
Секако, ова ќе го изложи целиот систем на брутални напади преку случаи на граѓани кои се обиделе да имаат деца но не можеле, или пак имале деца но доживеале трагедија. Затоа, најправедно би било граѓаните кои се даночни обврзници, кои уплаќаат кон пензискиот фонд, да бидат анкетирани, да наведат една, две или неколку лица кон кои би сакале нивните пари да бидат насочени. Повеќето граѓани веројатно би ги одбрале своите баби и дедовци, потоа родители, а ако ги немаат, поблиските роднини кои се на возраст за пензионирање. Но, има случаи кога биолошките родители не биле посветени на своите деца, а таа улога во нивните животи ја пополнил подалечен роднина или постар колега на работа. Не мора да признаеме само крвно сродство како придонес кон изградбата на новите генерации. Граѓанин без биолошки деца кој основал бизнис, работел со млади луѓе и ги насочувал во нивната кариера би можел да добие идентичен број „поени“ од даночните обврзници како граѓанин со повеќе биолошки деца и да добие соодветна пензија.
Друго решение би било пензискиот систем да се укине во целост, и општеството да се врати на традиционалниот, испробан семеен модел. Политичари во САД го предлагаат ова решение, со забелешка дека тоа би се најавило денес, да престанат уплатите кон пензискиот фонд, но би почнало да важи дури откако ќе се пензионираат сите граѓани кои досега уплатиле поголема сума кон фондот – односно 15-20 години фондот да се финансира од други извори. Во овој случај, на граѓаните би им се кажало дека веќе не мора да уплаќаат кон ПИОМ, но со нивните сега значително повисоки плати ќе мора самите да си обезбедат мирна старост (секако, со помош на своите деца, доколку решат да ги имаат). Тргнувањето на неодржливиот државен систем за социјална заштита би требало да делува отрезнувачки кон граѓаните и да ги натера да размислуваат како што размислувале неброени генерации пред нас и да се соочат со реалноста дека, ако ти не си менувал пелени, никој не е должен да ти го прави истото.
Трето решение е да не се замараме премногу со создавање на идните генерации, туку едноставно да ги увеземе. Како и многу други европски држави, и ние срамежливо доаѓаме во ситуација да можеме да ги отвориме границите за граѓани од Непал, Филипините или Бангладеш, кои можат да го надоместат нашиот демографски дефицит додека ние ќе се грижиме за нашите кариери и кученциња. Негативните нусефекти од овој план не морам да ви ги објаснувам.
Сепак, политичката реалност налага дека постоечкиот пензиски систем ќе продолжи да функционира како до сега, и да испорачува негативен демографски поттик без посериозни реформи.