
Синоќа, во исполнетиот простор на Платото пред Офицерски дом во Битола, во рамките на Битолското културно лето „БИТ ФЕСТ”, публиката имаше можност да доживее едно вистинско уметничко патување низ љубовта, болката и надежта преку уникатниот проект „Мевлем”.
Авторската музика и поезија на композиторот и поет Марко Виденовиќ, во совршена хармонија со интерпретациите на музичарите Памела Велкова (виолина), Верица Ајтовска (виола), Енис Аљи (виолончело) и самиот Виденовиќ на пијано и вокал, оставија силен емоционален впечаток кај присутните.
Проектот „Мевлем”, кој досега беше претставен во повеќе градови низ регионот, и синоќа ја потврди својата уметничка автентичност и длабока емотивна сила. Композициите специјално создадени за овој проект, претставија иновативен пристап кон камерната музика и современата поезија, во кои секој тон зборуваше, а секој стих се чувствуваше.
Концертот не беше само музички настан – беше вистинска уметничка исповед. Публиката исполнета со емоции, некоја скриена солза и долги аплаузи реагираше на длабочината и искреноста на изведбите.
Целта никогаш не беше само концерт, туку создавање простор за дијалог, за разбирање, за споделување лични приказни. А синоќа, тоа навистина се случи, рече Виденовиќ.
Настанот заврши со долги стоечки овации и атмосфера што ќе се памети уште долго – како сведоштво за моќта – убавината на уметноста да допре длабоко во човековата душа.