
Првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити, во емисијата 24 анализа не ја исклучи можноста лично да се кандидира за градоначалник на Општина Чаир на претстојните локални избори.
„ДУИ сака за Чаир да го кандидира Бujar Османи и јасно им е дека друг кандидат не е во игра, а нас ни е битно да го добиеме Чаир. Се прават анализи, не исклучувам опција да се кандидирам за градоначалник,“ изјави Меџити, нагласувајќи дека одлуката ќе се носи врз основа на тековните внатрепартиски анкети и теренски проценки.
Меџити додаде дека опозицијата е фокусирана на добри програми и силни кандидати, и дека очекуваат победа во мнозинството општини со албанско население, вклучително и Тетово, Чаир, Гостивар, Дебар и Струга.
„Не се плашиме. На овие избори ќе се потврди победата од пред една година. Првпат опозицијата освои 107.000 гласови. Ќе одиме со свои кандидати, без договарање за поддршка во прв круг, но како и секогаш, отворени сме за разговори за вториот,“ рече тој.
Меџити беше дециден дека коалициските партнери не се обврзани на заеднички кандидати и оти приоритет е победа на терен, со квалитетни понуди за граѓаните.
Кандидатурата на Меџити за Чаир би значела силна конкуренција за ДУИ, особено ако нивниот избор остане Бujar Османи. Во ваков политички амбиент, изборите во Чаир би можеле да бидат еден од клучните судири во албанскиот политички блок.