
Бугарите не се ништо криви за состојбата во која се наоѓаме. Замисли соседот кој живее до тебе да загуби секаква волја да го одржува својот имот или куќата. Да почне насекаде да кажува дека е спремен да го продаде имотот пошто – пото, за било какви пари и на било кого, поради преселба во Дубаи. Веќе и земал потстанари кои го меркаат имотот и утре ќе ти дојдат до меѓа, па и преку. Плус, сопственикот на имотот ти признава дека неговиот имот некогаш, пред неколку генерации, бил на твојата фамилија, па и по право треба да е твој.
Ова е состојбата која ја создадоа Заев, Ахмети, Пендаровски, Бујар Османи и Маричиќ со нивната политика на прифаќање на сите барања на соседите и напуштање на основите на македонскиот суверенизам, а во замена за лично богатење и комотно пензионирање во странство (ова се однесува на СДСМ-овскиот дел од власта, ДУИ по се изгледа планираа да останат и да владеат со државата). СДСМ не беа донесени на власт од Бугарија, и со цел да ги исполнуваат бугарските барања. Главната причина за шарената револуција беше да се принуди Македонија да ги прифати грчките барања, а спорот со Бугарија природно произлезе од нивната капитулантска политика. Најнормална реакција на бугарските власти, гледајќи како Заев и неговите се однесуваат кон својата дедовина, беше да заклучат дека е дојден моментот да си ги реализираат историските интереси. И, соочени со преголемите ветувања кои Заев ги даваше на сите страни (особено по интервјуто за БГНЕС со кое однапред ги прифати сите бугарски историски позиции), Софија своите барања ги постави превисоко и предизвика жестока контра-реакција во Македонија – дури и во анационална партија СДСМ која, благодарение на вродената бугарофобија, буквално се подели на две партии и се преполови по бројот на гласови.
Бугарските власти помислија дека ако Заев ги испорача на ветувањата што им ги даваше, ќе успеат да ги вратат Македонците во состојба на националната свест која сметаат дека постоела пред 2-3 генерации, во време за кое веќе скоро и да немаме живи сведоци, а имаме само пристрасни записи. Бугарија смета дека нивниот наратив за создавање на модерна нација од сродните балкански словенски народи во комплицирани услови на распад на феудална држава и наплив на националистички пропаганди од сите страни е единствениот исправен наратив, сите други се лажни, а Заев сето тоа им го потпиша, со конкретни рокови за спроведување (кои веднаш ги проби). Мислат дека ова ресетирање на македонската национална свест може да се постигне со грчки тактики кои ние со децении ги сфаќаме како крајно непријателски – држење на Македонија надвор од европските интеграции, со ускратени европски фондови (Грција самата повлекуваше неброени милијарди од земји како Германија и Холандија а на нас ни ги броеше на лажичка), во надеж дека Македонија ќе остане неразвиена, подложна на притисоци и конечно ќе се подели на 2-3 дела – ова е буквално начинот на кој Самарас ја претставуваше грчката политика.
За разлика од Грција, со која имаме децениски конфликти и отворена рана со бруталната асимилација на Егејска Македонија, и која со сите сили се обидуваше да ја спречи независноста на Македонија. односите со Бугарија не мораа да се развиваат на овој начин. Бугарија прва ја призна независна Македонија, интервенираше вакво признание да добиеме и од Русија, ни подари 150 тенкови како безбедносна гаранција во екот на југословенските војни и не снабдуваше со енергенси за време на двојната блокада долж коридорот 10. Изгледаше дека Бугарија е задоволна со развојот на Македонија во независна држава, со сопствена суверена политика (што во тоа време значеше суверена и самостојна од дотогашниот наш владетел – Белград), со очекување таа земја да биде пријателски настроена кон Бугарија. Очекувањата на по-националистичките кругови во Софија повремено избиваа на површина, но наидуваа на остар одговор од Скопје, вклучително и од владата на Георгиевски, и така се постигна одредена рамнотежа во односите кое траеше се до нивното членство во НАТО, кога во Бугарија се засилија повиците дека земјата треба да ја копира грчката политика кон Македонија, без да се има предвид што тоа ќе направи во односите меѓу двата блиски народи. Но, со доаѓањето на Заев, и неговата одлука како прв надворешно-политички чекор да го потпише договорот со Бугарија, и односите кон соседите да ги гради од потчинета позиција, како да не станува збор за суверена држава со свои интереси, апетитите на сите наши соседи природно пораснаа, и сега е многу тешко да се вратат во рамките на разумните очекувања.
Не е се трагично во нашите односи. Македонија забрзано го заврши патот кон Крива Паланка, со што сега конечно може да се каже дека имаме пристојна патна врска Скопје – Софија. Се пушти во сообраќај и првата делница од пругата Куманово – Крива Паланка, која со децении служеше за црн хумор, како нешто што никогаш нема да се направи. Се надминуваат и проблемите кои беа вградени во вториот и особено во третиот дел од оваа делница. Бугарија направи голем гест и со поддршката што ја укажа по трагедијата во Кочани, со лекување на некои од најтешко повредените деца во нивната елитна државна клиника, како и со редиците на граѓани кои се собраа да донираат крв за повредените. Но, тешко е да им се објасни на Македонците зошто Бугарија продолжува да ја блокира европската иднина на истите тие деца. Петгодишната блокада воведена со цел да се исполнат ветувањата што ги даде Заев ги труе нашите односи и го поништува сето она што ќе се случи позитивно во нашите односи (а воедно да го зголемува угледот на земји како Србија, која малку – малку потсетува дека е единствената сосетка која не бара ништо од Македонија). Дури и политики кои Македонија ги спроведуваше независно, како што е ревизија на историјата наметната од Југославија (со „антиквизацијата“ и прифаќањето на личности како Тодор Александров) и со процесот на лустрација (во текот на кој се отворија барем два значајни случаи во кои се потврди дека безбедносните служби дискриминирале граѓани поради нивните про-бугарски симпатии) ќе биде многу потешко да се спроведат во иднина откако станаа официјален услов на бугарски националисти. (Притоа мораме да внимаваме да не ескалира ситуацијата со пресудата за Љупчо Георгиевски – македонски граѓанин мора да има право слободно да изнесува свои мислења за историјата. Му се допаѓало тоа на некого или не, Македонија толерира разни ставови по историски прашања без да ги гони граѓаните кои ги изнесуваат за говор на омраза, и судовите и обвинителството не смеат селективно да гонат еден граѓанин за нешто што се толерира кај други – инаку ќе добиеме нов случај Спаска Митрова кој ќе биде уште потешко да се објасни пред ЕУ).
Усвојувањето на извештајот на Европскиот Парламент со гаранции за македонскиот национален идентитет можеше да биде еден начин за излегување од овој јазол. Но, по се изгледа дека Македонија такви гаранции нема да добие – делумно поради крајно несмасната изјава на еврокомесарката Кос, делумно поради жестокото бугарско противење во Брисел. Бугарија најави дека нема да го спори македонскиот идентитет туку има само малцински барања, но деновиве покажа дека сепак и тоа како мисли да ги проблематизира идентитетските прашања во текот на процесот на интеграции. Очигледно ќе помине уште време додека да дојдеме до одржливо решение. Затоа, можеби е и подобро процесот воопшто да не почне додека не се уточнат правилата на игра – отколку веднаш по почетокот да се претвори во бесконечно измачување на двете страни во текот на кое граѓаните ќе бидат бомбардирани со националистички изјави и напади. За да тргнеме напред, потребно е пред се Бугарија да осознае дека како многу други, беше излажана од еден пиперкар од Горњи Милановац кој и вети нешто што не може да го испорача, и дека со инсистирањето да се исполни неговото ветување, може само уште повеќе да загуби.