
Амбасадата на Франција и Францускиот институт во Скопје, денеска, одржаа прес-конференција по повод една година од реализацијата на проектот за поддршка на филм и развој на копродукциски проекти помеѓу Франција и земјите од Западен Балкан, на која свои обраќања имаа организаторката на Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“, Сара Ферро, директорот на Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“ Димитрија Доксевски, како и авторката на проектот „Копродукција помеѓу Франција и земјите од Западен Балкан: структурирање, поддршка и валоризација на филмското творештво”, Кулик Летиција.
Како што беше посочено на средбата, проектот е поддржан од Фондот Екип Франс при француското Министерство за Европа и надворешни работи и има за цел промоција на филмското творештво и зајакувањето на регионалните копродукции.
Во презентацијата на францускиот проект, Летиција истакна дека досегашната програма вклучила менторски сесии, работилници за развој на проекти, индивидуални средби со француски продуценти, како и можности за вмрежување со професионалци од филмската индустрија.
– Имавме околу 80 француски продуценти кои што имаа средба со носители на проекти од регионот. Околу идејата за копродукција се одржаа 47 средби во регионот и 34 средби во Париз. Вкупно имавме 105 носители на проекти од регионот кои што имаа прилика да дојдат и да ги презентираат своите проекти. Еднаквоста на мажи и жени е многу важна за нашето Министерство, затоа имавме 51 жени режисерки кои што ги презентираа своите проекти и 52 мажи. На ниво на француските продуценти 38 жени и 40 мажи. На локален план имаме четири агенции за филм кои што учествуваа и околу 40 продуцентски куќи од Западен Балкан кои што зедоа учество на проектот, истакна Летиција.
Таа нагласи дека договорот за копродукција склучен 2021 година е од исклучителна важност, бидејќи ѝ овозможува на македонската кинематографија уште повеќе да се поврзе со францускиот, но и со европскиот филм. Македонскиот филм, вели, има долга традиција, но, како што рече, тој исто така е во „потполна обнова последниве години со многу млади режисери, како и повозрасни афирмирани режисери“. Целта на договорот, додаде, е да се олеснат копродукциите за да им се даде пристап на македонските продуценти до фондовите за поддршка на филмот во Франција, а тие системи и фондови се помеѓу најдарежливите во светот.
– Имаше четири земји од регионот кои што имаат потпишано договор за копродукција со Франција до 2023 година, до оној момент кога почнавме да размслуваме за проектот. Констатиравме дека има многу малку потпишани договори за копродукција во тој момент помеѓу земјите од регионот и Франција. Дојдовме до констатација дека земји кои што многу години претходно имаат потпишано договор за копродукција со Франција, како што се Словенија и Хрватска, бројот на копродукции со Франција не беше зголемен, посочи Летиција.
Организаторката на „Македокс“, Феро, посочи дека целта е да се поттикнат копродукциите во регионот и надвор од него, како и да им се помогне на режисерите и продуцентите за вмрежување со професионалците од европската документарна индустрија.
– Многу ми е драго што ја имавме соработката минатата година со Летиција, бидејќи ни овозможи да донесеме повеќе професионалци од Франција за време на Македокс. Започнуваме така што одбираме десет проекти кои што се во развој од Балканот кои што поминуваат низ интензивна работилница за развој на проекти. Еден од главните ментори на оваа работилница е продуцент од Франција, по што имаа можност да ги презентираат проектите пред француски професионалци од индустријата, истакна Феро.