
Сè уште е активен пожарот кај градот Јерапетра во југоисточниот дел на островот Крит, што избувна вчера, а поради новото разгорување преку бројот 112 за итни случаи беше испратена порака за евакуација до сите оние кои се наоѓаат во четири населени места, јави дописничката на МИА од Атина.
Портпарлот на Противпожарната служба на Грција Василис Ватракојанис утрово информираше дека на Крит пристигнале пожарникари и од Атина и интервенираат 230 пожарникари со 13 пешадиски тима, 46 возила и група беспилотни летала, како и десет хеликоптери од кои еден е за координација.
Тој додаде дека силниот ветер, создава нови жаришта и го отежнува гаснењето на пожарите.
Според локалните медиуми од островот, пожарот што гори веќе 24 часа предизвика материјална штета, а од општината било доставено барање да се прогласи вонредна состојба.