
Трите најголеми политички партии во Европскиот парламент – ЕПП, Социјалисти и социјалдемократи и Обновена Европа – се согласија да ги отстранат термините „македонски идентитет“ и „македонски јазик“ од нацрт-извештајот за напредокот на Македонија, објави БГНЕС.
Се очекува мнозинството во пленарната сала во Стразбур да ги поддржи амандманите на извештајот на гласањето следната недела.
Комисијата за надворешни работи на ЕП го усвои извештајот за Македонија во кој на четири места директно се споменуваат „македонскиот идентитет и јазик“, тема што предизвика жестоки реакции од официјална Софија во изминатиот период. Во членот 2 од Извештајот, во една точка се наведува:
„(Европскиот парламент…) го повикува Европскиот совет да и даде јавна и недвосмислена поддршка на Македонија дека има намера брзо и безусловно да донесе позитивна одлука за влез во следната фаза од преговорите за пристапување по исполнувањето на условите од неговите Заклучоци од 18 јули 2022 година, целосно почитувајќи го македонскиот јазик и идентитет”.
Во истиот член, со усвоениот амандман во вторникот на 24 јуни, се наведува следното:
„Ја потврдува важноста на недвосмисленото признавање и почитување на македонскиот јазик и идентитет како составен дел од наследството на нацијата, уставниот поредок, но и од европските вредности; забележува дека европските институции, во своите извештаи за земјите и официјални документи, постојано се повикуваат на македонскиот јазик во согласност со меѓународното признавање и спроведувањето на Преспанскиот договор; потврдува дека почитувањето на јазичниот, културниот и националниот идентитет е фундаментална компонента на процесот на пристапување во ЕУ и камен-темелник на демократските општества, што дополнително ќе се потврди со пристапувањето во семејството на европските нации”.
Извор: BGNES