Skip to main content

Сè уште активен пожарот на вториот крак на Халкидики – не претставува опасност за населени места

Сè уште е активен шумскиот пожар на вториот крак на Халкидики во регионот на Вурвуру, меѓутоа не се во опасност населени места, според информациите од противпожарната служба на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Пожарот што избувна околу 16 часот по локално време, гори густа борова шума и е во непрооден дел, а над три часа подоцна сè уште не е ставен под контрола, иако интервенираат голем број пожарникари и дополнително се засилени воздушните средства.

Во гаснењето учествуваат 65 пожарникари со два пешадиски тима, 20 возила, волонтери, како и 14 авиони и пет хеликоптер, а помагаат и цистерни од општините.

Населените и туристичките места веднаш беа евакуирани, со оглед на тоа што од бројот 112 за итни случаи беше испратена порака до сите што се во конкретната област да се евакуираат кон Никити.

Дополнително евакуиран бил и еден камп.

Временските услови, односно слабиот ветер, како и близината на морето, помагаат во гаснењето на пожарот.

Поради пожарот во прекин е сообраќајот на возила на патот Неа Мудања – Спарти од Ормос Панагиас до Вурвуру, а од полицијата ги повикаа возачите да бидат особено внимателни и да ги следат упатствата од полицајците.

Поврзани вести