Skip to main content

Иранскиот претседател нареди запирање на соработката со МААЕ поради нападите врз нуклеарните објекти

Freepik

Претседателот на Иран Масуд Пезешкијан нареди запирање на соработката со Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), откако американски и израелски воздушни напади погодиле клучни ирански нуклеарни објекти.

Во наредбата не се наведуваат рокови ниту детали за обемот на прекинот, но одлуката веројатно ќе ги ограничи можностите на инспекторите од МААЕ да ја надгледуваат иранската нуклеарна програма. Техеран има збогатено ураниум до нивоа блиски до оние што се потребни за производство на нуклеарно оружје, тврдат западни медиуми.

Иран и во минатото воведувал ограничувања за инспекторите на МААЕ, како тактика за притисок врз Западот во преговорите. Сепак, засега нема сигнали дека Иран планира обновување на разговорите со САД, кои се во застој по 12-дневната иранско-израелска војна.

Иранската државна телевизија соопшти дека Пезешкијан ја издал наредбата по изгласувањето на закон од страна на иранскиот парламент за ограничување на соработката со Агенцијата. Законот бил потврден и од Советот на чуварите, а најверојатно ќе биде поддржан и од Врховниот совет за национална безбедност, кој го предводи Пезешкијан.

„Владата се обврзува веднаш да ја прекине секоја соработка со МААЕ согласно Договорот за неширење на нуклеарно оружје и придружниот Договор за гаранции“, се наведува во соопштението. „Ова ќе остане во сила сè додека не се исполнат одредени услови, вклучително обезбедување на безбедноста на нуклеарните објекти и научниците“, се додава.

МААЕ засега нема дадено официјален коментар.

Поврзани вести