
Голем шумски пожар избувна денеска во близина на туристичкото место Вурвуру на вториот крак на Халкидики – Ситонија, во реонот Ливари. Грчките власти издадоа итна наредба за евакуација на туристите и локалното население кон местото Никити, додека пожарот се шири со голема брзина поради ветерот и топлото време.
На терен се распоредени 65 пожарникари со 20 возила и два пешадиски тима, а гаснењето се поддржува и од воздух со осум авиони и еден хеликоптер, што сведочи за сериозноста на ситуацијата.
Преку системот 112 граѓаните добија порака за итно повлекување од погодената област. Поради опасноста, патот од Ормос Панагиас кон Вурвуру е затворен.
Грчките служби апелираат сите кои се во близина да останат смирени, но и будни, и строго да ги следат инструкциите за евакуација. Нема информации за повредени, но пожарот сè уште не е ставен под контрола.