Skip to main content

„Од таблетка до кутија“ – „Реплек“ инвестираше во нов производствен капацитет вреден над два милиони евра

Фармацевтската компанија „Реплек“ денеска отвори нов производствен капацитет вреден над два милиони евра. Станува збор за високи технолошко и квалитетно решение, со висока продуктивност, со кое како што посочи генералниот директор на „Реплек“, Душан Пецовски, ќе се зголеми капацитетот на компанијата и нејзиното прилагодување на пазарите, а цврстите форми кои ги произведува компанијата ќе се зголемат за 25 проценти.

-Ова е целосна линија од почеток до крај, од таблетка до финална транспортна кутија и е прва најголема поединечна инвестиција во изминатите 80 години, истакна Пецовски.

Тој посочи дека водени од виизјата за благосостојба лани „Реплек“ инвестирал рекордни 6,3 милиони евра во дигитализација автоматизација, модернизација, вклучително модерно ИРП интегрално системско решение од САП во нови производни капацитети, во развој на нови производи и нови линии.

-Сето ова го правиме за да ни ја зголеми продуктивноста и ефикасноста на нашето работење. Во сите 80 години од нашето постоење „Реплек“ во континуитет успевал да се редефинира да се репозиционира и да се реоткрие, во нашето ДНК е да ги следиме и прифатиме светските трендови, истакна Пецовски.

„Реплек“ во моментов е присутен во 25 држави, а планот е до 2030 година таа бројка да се зголеми на 40.

– Ако денес сме присутни во 25 земји во 2030 амбицираме тоа да бидат 40 земји и затоа до крајот на годината инвестициите во „Реплек“ ќе достигнат до рекордни 10 милини евра. Само изминатата година растот на нашата продажба изнесува 24 проценти и тој тренд очекуваме да продолжи во наредните пет години, истакна Пецовски.

Тој нагласи дека се задоволни од институциите од она што значи поддршка за пласирање на производите на компанијата на странските пазари.

На свеченото отворање се обрати премиерот Христијан Мицкоски, кој посочи дека на денешниот настан сведочиме на уште една позитивна приказна за македонската економија.

-„Реплек“, еден од симболите на континуитет, квалитет и професионализам, во годината кога слави 80 години постоење, прави нов, визионерски чекор напред. Со новиот фармацевтски производствен блок, „Реплек“ не само што го модернизира и автоматизира својот производствен процес, туку го зголемува капацитетот за примарно и секундарно пакување на цврсти фармацевтски форми за значајни 25 проценти. Тоа значи нова технологија, поголема ефикасност, повисоки стандарди, но и нова потврда дека нашата земја има потенцијал и капацитет за индустриски раст, нагласи премиерот.

Тој истакна дека силата на една држава не се мери само по нејзиниот буџет, туку и по храброста на нејзините луѓе да вложат, да создадат и да веруваат дома и додаде дека оваа инвестиција има особена тежина, затоа што е домашна.

-Станува збор за македонски капитал, за македонска компанија, за вложување во иднината на македонската индустрија. Во време кога често се зборува само за странски инвестиции, денеска овде покажуваме дека и домашните претприемачи, визионери и стопанственици, се моторот на развојот. Токму затоа, Владата што ја предводам, останува цврсто посветена на поддршката на домашните компании. Не само како економски субјекти, туку како двигатели на нашата иднина, додаде Мицкоски.

Тој истакна дека стратегија на Владата е јасна, а тоа е создавање поволна деловна клима, намалување на бирократските бариери, поддршка за развој, за иновации, за извоз, за зголемување на додадената вредност.

-Ние веруваме дека силна економија се гради не само со странски капитал, туку и со грижа за својот – за секој што решил да остане, да вложи, да создаде тука, во Македонија. „Реплек“ е пример за тоа, пример што инспирира и мотивира, рече Мицкоски.

Премиерот посочи и дека во изминатата година државата бележи пораст на индустриското производство, нови инвестиции, стабилни јавни финансии и конкретни проекти што го менуваат животот на граѓаните и додаде дека новиот блок на „Реплек“ е дел од таа слика, слика на една Македонија што гради, што инвестира, што оди напред.

-Затоа денес, пред сите вас, сакам да упатам искрена честитка до менаџментот, до инженерите, фармацевтите, техничарите и сите вработени во оваа компанија. Вашата работа не е само технолошки успех, тоа е и патриотизам и визија, и одговорност. Почитувани пријатели, Во едно време на предизвици, на неизвесности, на глобални турбуленции, Македонија има компании како „Реплек“. Компании што се нејзината сила. Компании што не се плашат да чекорат напред. Компании што градат. И затоа да ни е честита оваа инвестиција. Да е честит јубилејот, 80 години постоење на „Реплек“. Нека оваа линија произведува не само лекови, туку и надеж и иднина и доверба во македонската економија, рече Мицкоски.

Поврзани вести